Манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во селото Водоча, беше претесен за да ги прими сите кои дојдоа да го видат чинот на хиротонија на новоизбраниот епископ Пољански Јаков, што го изврши архиепископот г.г. Стефан заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.
Одлуката на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА е донесена на 29 септември оваа година, а чинот на хиротонија или ракополагањето се случи претпладнево на соборот на епископите.
Поглаварот на МПЦ г.г. Стефан заедно со членовите на Синодот отслужи и Божествена литургија за хиротонијата на новоизбраниот епископ полјански Јаков.
-Како помошен епископ трудете се достојно и достоинствено да ги извршувате задолженијата што ќе ви бидат овозможени, а пред се трудете се постојано да го проповедате Светото евангелие. Бидете постојано исполнет со љубов за сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен збор, потребен совет на оние што тоа ќе ви го побараат. Оние коишто скршнале упатуајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете на оние кои останале без надеж, на оние на кои им исчезнала љубовта, им згаснала верата. Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во обраќањето по завршувањето на Божествената литургија.
Синоќа во манастирската црква „Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици“ во Струмица се одржа наречението на новоизбраниот епископ.
Епископот полјански Јаков е досегашен старешина во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“ во Ново Село,Струмичко. Тој е новиот, тринаесетти владика во Синодот.
Сега ја носи титулата епископ полјански и во иднина ќе биде викарен епископ на митрополитот струмички, господин Наум.
ИЗВОР: РЕЛИГИЈА.МК
https://www.facebook.com/215955182070069/videos/333223687457581/?t=2