„Иловица-Штука“ е и ќе биде модерен рудник на можности кој ќе биде од голема важност за општините Босилово и Ново Село, но и за жителите на Струмица, вели Патрик Форвард, главниот оперативен директор на Еуромакс Ресоурцес. На средба со медиумите, претставниците на компанијата го презентираа моделот за идниот рудник Иловица-Штука, нагласувајќи ги сите мерки кои ги имаат превземено во дизајнот на проектот за да ја заштитат животната средина.
„ Во изминатите 6 години, при проектирањето на проектот Иловица-Штука земено е предвид секое влијание врз животната средина и здравјето на граѓаните, како и на жителите во регионот. Проектот е изработен од домашни и меѓународни експерти и професори и е во согласност со сите македонски закони, најдобрите практики и со светските и ЕУ стандарди“, изјави главниот оперативен директор Форвард и дополни:
„Нашите мерки за минимизирање на негативните влијанија врз здравјето и животната средина вклучуваат никакви испуштања во локалните води, контрола на прашина на сите патишта за да се осигура дека не постои загадување, постојана контрола на водата и воздухот, употреба на соодветна гео-текстилна мембрана во хидројаловиштето, максимално реискористување на вода во процесот на флотација, проектиран насип на хидројаловиште отпорен на земјотреси, подобрување на водоснабдувањето на домаќинствата во Иловица и Штука, програми за инвестирање во заедницата, рехабилитација на локацијата по затворање на рудникот и формирање на тело за независен мониторинг за да ги исполниме овие ветувања“.
На средбата присуствуваа и претставници на Аусенко, австралиска компанија што треба да биде главен изведувач во понатамошните фази на Проектот за рудникот Иловица-Штука. Според главниот извршен директор и еден од основачите на компанија Ausenko, Луклезим (Зими) Мека, технологијата која ќе се користи во рудникот Иловица-Штука е идентична со онаа што во последниве три години ја користат во проекти во над 60 држави во светот. Станува збор за технологии кои немаат негативни последици врз здравјето на луѓето.
„Она што го правиме се најдобрите практики и најдобрите технологии во процесите за обработка на рудата. Во државите каде работиме соработуваме со локалните жители и тие се максимално вклучени како работна сила. Правиме и обуки за вработените, согласно највисоски стандарди за безбедност во работата“, изјави главниот извршен директор на компанијата Аусенко, Лулезим (Зими) Мека.
Од Еуромакс ресоурцес потенцираат дека цевковод за чиста вода, кој е предвиден да се изгради, пред сѐ ќе биде од корист за локалното водостопанство и локалното земјоделство, а ќе се намалат и загубите на вода. Компанијата ќе се фокусира на поддршка на сточарството и земјоделството со цел зајакнување и подобрување на нивниот капацитет.
„Ние сакаме да докажеме дека „Иловица-Штука“ ќе биде модерен рудник на можности, како за жителите на општините Босилово и Ново Село, така и за жителите на Струмица. Ќе обезбедиме нови работни места и можност за развој на нови бизниси во регионот. Инвестицијата за рудникот од 340 милиони евра е најголемата гринфилд инвестиција во Македонија од нејзиното осамостојување, која ќе го зголеми БДП за 3% на годишно ниво. Ќе платиме 25 милиони евра даноци годишно, вклучувајќи концесиски надоместоци од 3 милиони евра, кои директно, ќе се влеат во буџетот на локалните општини што ќе го зголеми нивниот буџет за 40%. Дополнително во наредните 20 години од работењето на рудникот, ќе се трошат 73 милиони евра годишно за локални набавки и услуги“, вели Форвард.
Откако ќе почне со производство, проектот Иловица-Штука ќе поддржи широк спектар на директни вработувања и компанијата ќе обезбеди сеопфатна обука за сите позиции. Ќе се создадат 1.000 директни работни места за време на изградбата и 500 директни работни места во текот на работењето со предност на вработување на локални луѓе. 2.700 индиректни работни места ќе се обезбедат преку локалните добавувачи кои ќе бидат ангажирани.