ПРИЈАТЕЛЕ, КАКО ВЛЕЗЕ ОВДЕ, НЕОБЛЕЧЕН ВО СВАДБЕНА ОБЛЕКА? (01.09.2018 11:02)
Навистина, пријателе, како влезе без умно-срдечна молитва, или барем без послушание? Односно, како влезе без христијански идентитет?
Нели веруваме во Една, Света, Соборна и Апостолска Црква? Во Eдна, така?
Нели треба да го сочуваме и градиме нејзиното единство, меѓу другото, и поради непречен личен проток на Божјата благодат? Ова ни ја открива и Големата слика.
Нели веруваме во едно Крштение за простување на гревовите?
Нели се одрековме од сатаната и од сите негови мисли, чувства, зборови и дела?
Нели сме Тело Христово?
Нели нема веќе ни Јудејци, ни Елини… зашто сите вие сте едно во Христос Исус? (види: Гал. 3, 28).
Нели сите сме еден Божји народ? Нели сме Нов Израел?
Нели сме сите браќа и сестри, во Христос?
Нели ќе нѐ препознаат како Христови ученици доколку имаме љубов помеѓу себе?
Нели сме христијани?
Нели христијанскиот идентитет ни е бескрајно поважен од сѐ?
Нели заради христијанскиот идентитет сме подготвени сѐ да жртвуваме?
Нели требаше да ги љубиме непријателите свои?
Нели на сите требаше сѐ да им станеме, само некого за Христос да придобиеме?
Нели требаше да бидеме слуги на сите?
Нели требаше да седнеме на последното место?
Тогаш, што не ви е јасно? А, очигледно, ништо од ова не ви е јасно.
Слободно бирајте со што ќе се поистоветите: со Царството Небесно или со царството земно, односно со пеколот.
Што ќе изберете?
Во секој случај, знајте дека: Христијанскиот идентитет, антиномично – но е зацврстување, како и чувар на личниот и на националниот идентитет, а не обратно!
Не го сфаќаш сето погоре напишано во Евангелието? Продолжуваш да грешиш кон Новиот Завет на Богочовекот Исус Христос? Не бараш прошка и покајание? ОК.
„Тогаш царот им рече на слугите:
’Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани‘“ (Матеј 22, 13–14).
Митрополит Струмички Наум