Полициската станица Радовиш поднесе кривични пријави против Г.А. (36) од с. Сушево, струмичко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, против М.Ц. (55) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ во врска со „помагање“, против А.П. (28) и Б.П. (50), двајцата од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против И.Т. (50) од Скопје, вработен во Бирото за метрологија; правното лице „Центар за возила ЦВС“ Дооел Струмица, Л.Б.Н. (44) од Струмица, управител во Центар за возила ЦВС ДООЕЛ Струмица и С.А. (52) од с.Раклиш, радовишко, вработен во МВР на РМ – Отсек за управни работи во Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
На 25.02.2014 година во Република Словенија, првопријавениот Г.А. купил моторно возило „фолксваген шаран“. На 24.10.2016 година тој го увезол во Република Македонија на име на второпријавениот М.Ц., иако возилото не ги исполнувало законски предвидените „ЕУРО“ стандарди за да се регистрира. Потоа, во управната постапка, како доказ во Центар за возила Струмица употребил Потврда за отворање на постапка за идентификација со генералии на второпријавениот, без да бидат исполнети условите предвидени со Законот за возила, односно Уверението се однесувало за второпријавениот со пријавено место на живеење во Италија, а предметното возило било купено и увезено од Словенија. Откако на овој начин ја добил согласноста за регистрација и стекнување на имот, првопријавениот го продал на лице од село Чанаклија за цена од 2.000 евра.
На 06.04.2016 година, второпријавениот за сметка на првопријавениот до Бирото за метрологија поднел „Барање за издавање на потврда за идентификација“, со наводи дека го купил возилото во Словенија како повратник од Италија, со цел од Бирото за метрологија да добие „Потврда за идентификација“.
Трето и четврто пријавените, како посредници на второпријавениот, а за сметка на првопријавениот, прибавиле нотарски преписи на фотокопија од фиктивен купопродажен договор и таа документација била употребена во правниот сообраќај како прилог кон документација за регистрација на моторното возило.
Петтопријавенот И.Т., вработен во Бирото за метрологија, не извршил должен надзор при увидот на доставената документација, по што пријавеното правно лице издало Согласност за регистрација, иако било очигледно дека станува збор за две физички лица.
Осмопријавениот како референт во постапката за регистрација пропуштил да преземе соодветни дејствија, при што извршил регистрирање на возило на име на првопријавениот.