Од 10 до 19 август, Струмица ќе ги активира своите уникатни сцени под отворено небо и по седми пат ќе овозможи гостување на најдобрите македонски, балкански и светски артисти.
Проектот на Камерниот оркестар на Битола насловен „Rock Symphony“ ќе го отвори десетдневниот фестивал на 10 август од 21:00 часот на сцената кај Чешмичката.
На 11 август од 21:00 часот во Струмица ќе се случи второто издание на македонско-бугарската турнеја One Lovе која споделува една љубов преку границите на Македонија и Бугарија. Свои настапи ќе имаат Слаткаристика, Next Time, Графа, Оратница, Саф Sound System и Јојо ѕвездичките.
Еден од најспецифичните настани на Струмица ОПЕН фестивал низ годините е вечерта посветена на џез музиката. Годинава на 12 август од 22:00 часот на сцената кај Чешмичката ќе настапат бендовите Сашо Поповски Трио и Fierce.
Членовите на Скопскиот брас квинтет ќе ги покажат лимените дувачки инструменти во една поинаква улога на СОФ 2018. На 13 август на Езерцето од 22:00 часот ќе изведат концертен облик на настан надвор од класичниот репертоар со избор композиции од легендарните групи „Queen“ и „The Beatles“.
Од 13 до 15 август во Струмица ќе се одржи уште едно издание на забавната Летна школа за гитара. Петтото издание на школата во рамките на манифестацијата Струмица ОПЕН фестивал годинава ќе го има најсилното издание. Предавањата со виртуозот Влатко Стефановски ќе бидат на 14 и 15 август, а истата вечер на Езерцето ќе се одржи и завршниот концерт на кој ќе настапат сите успешни учесници на школата заедно со нивните предавачи.
Момците од Нокаут ќе ги донесат најромантичните звуци на препознатливата сцена во градскиот парк на годинашното седмо издание на Струмица ОПЕН фестивал. Бендот ќе настапи како дел од културно-уметничката програма со целовечерен концерт на 14 август од 22:00 часот на Езерцето.
Културно-уметничката програма на Струмица ОПЕН фестивал ќе го има затворањето со „Најдоброто од Каролина Гочева“. Најпопуларното „Македонско девојче“ за првпат ќе одржи голем концерт на отворено пред струмичката публика на 16 август од 22:00 часот на сцената кај Езерцето.
На СОФ ќе настапат и Тамара Тодевска, Владо Јаневски, Тони Цетински, Марија Шерифовиќ, Лепа Брена, Либеро бенд, Црвена Јабука, Дубиоза Колектив, Саша Ковачевиќ, Аfishal, Ted Dettman b2b Sal Sonder, Divolly & Markward и Astra-ion project.
Сите настани на седмото издание на фестивалот ќе бидат целосно бесплатни за сите посетители.