Локалниот совет за превенција во општина Струмица, денеска во домот на АРМ одржа работна конференција на која присуствуваа претставници од повеќе институции, невладини организации, верски заедници, медиуми и други засегнати страни. Конференцијата ја отвори градоначалникот Коста Јаневски, кој во своето обраќање ја потенцираше потребата од мобилизација на сите локални ресурси за решавање на проблемите и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, иако и досега на тој план е направено многу.
-Локалниот совет за превенција започна да функционира пред дванаесетина години, со воспоставување на систем од партнерства на локално ниво, при што беа идентификувани прашања, приоритети, проблеми, и врз основа на нивна анализа се изгради соодветна локална политика за превенција којашто претставува динамичен процес на постојано менување, надополнување и евалуација. Превенцијата се градеше со мултисекторски пристап, во соработка и координација меѓу голем број субјекти, како што се самите граѓани, преку советодавни групи на граѓани, претставници од социјалните служби, училиштата, бизнис секторот, верските заедници и политичките партии, невладините организации во партнерство со локалните власти и дел од министерствата на државно ниво, а во таа мрежа, полицијата е само еден, но мошне значаен и клучен сегмент. Заедно се работеше на планот на едукацијата за заштита од пожари, унапредување на сообраќајната култура на најмладите, унапредување на меѓуетничката интеграција во образованието, заштита од компјутерски криминал и измами, заштита на младите од зависности од игри на среќа, организирање на превозот на учениците, заштита од дрога, превенција од насилно однесување, препознавање на трговијата со луѓе, заштита од кражби, проекти со „децата на улица“. Мораме да бидеме и самокритични, некаде се изгубил ентузијазмот, некаде институционалната поддршка, некаде влијаеле и објективни и субјективни околности за неможноста за активно вклучување во овие процеси, но морам да потенцирам дека најсилната страна била на планот на соработка со најмладите, во детските градинки и училиштата, каде биле планирани и реализирани заеднички активности со полициските службеници, невладини организации и други заинтересирани страни, рече градоначалникот Јаневски.
На работната конференција, за значењето на превенцијата и досегашните практики и искуства зборуваа и Танчо Пројковски, началник на СВР – Струмица и Хризантема Рендевска, началник на отсекот за превенција во овој сектор.