Градоначалникот Коста Јаневски денеска беше домаќин на децата со Даунов синдром и нивните родители – членови на здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица. Пријателството беше причината за дружењето, а поводот – Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, само ден за потсетување што е направено и што уште треба да се направи во унапредувањето на условите за живот подеднаков за сите.
-Ги слушнав нивните проблеми и предизвиците со кои се соочуваат во својот живот, а и порано сме разговарале за тоа. Заедно заклучивме дека има извесни подобрувања во пристапот кон овие дечиња, кон овие луѓе, наши сограѓани, би сакале промените да се движат уште побрзо за да можеме од овие лица, од овие наши сограѓани, да го извлечеме тоа што е потенцијал и можност од нив, а тоа го имаат, го знам јас тоа како лекар, за да можеме да овозможиме во својот понатамошен живот да бидат посамостојни, да бидат во функција и сами просперираат низ животот, а тоа е можно, навистина во нив има потенцијал и тоа е еден светски тренд кој што јас лично многу го поддржувам и во тој правец треба да се движиме, со работа, грижа и љубов кон овие дечиња можат да се извлечат тие потенцијали и овие дечиња можат да се грижат сами за себе и тоа е трендот кој што јас најмногу го сакам и поддржувам. Јас како градоначалник на општина Струмица, а и досега општина Струмица, сите заклучивме дека имала големи разбирања за овие наши сограѓани и тој тренд ќе продолжи, а јас би сакал и да го развиеме бидејќи условите и можностите на нашето општество еволуираат и се подобруваат, така и нашата грижа околу овие наши сограѓани се надевам дека ќе биде уште поголема и ќе вроди со уште поголем плод. Ние сме отворени за соработка, единствено, можам да кажам дека чувствувам доза на одговорност и може еден апел до сите наши сограѓани, да не се потсетуваме само на вакви денови дека имаме сограѓани кои што имаат одредени посебни потреби на кои што треба максимално да им помогнеме, со тоа покажуваме дека сме луѓе, со таа различност што ја гледаме покажуваме дека сме побогати и тие се искушенијата на кои ние се тестираме како луѓе, да видиме колку навистина сме луѓе и колку навистина имаме разбирање за посебните потреби кои што одредени наши сограѓани ги имаат, рече градоначалникот Јаневски.
Од здружението „Вера“ се заблагодарија што градоначалникот Јаневски, денешниот ден го помина со нив и побараа заедно да ги унапредат условите за живот на лицата со Даунов синдром.
-Благодарам на општина Струмица која што отсекогаш е пример за прифаќање и инклузија на лицата со попреченост. Денешниот ден го одбележавме со тоа што бевме гости со нашите деца во кабинетот на градоначалникот и малку го испревртевме, но тоа се деца исти како и сите. Како здружение, поднесовме усно некои барања до градоначалникот, да ни се овозможи на нас семејствата бесплатен паркинг во општина Струмица и децата со попреченост да добијат бесплатна градинка. Се надевам дека тоа општина Струмица ќе го реализира и уште еднаш ќе биде пример за како се инклузираат лица со попреченост во општеството. Му благодарам уште еднаш на градоначалникот и на сите вработени што денешниот ден, Денот на пролетта и Денот на различноста го поминаа заедно со нас, рече Анче Туфекчиева, претседател на здружението „Вера“.
Дечињата од здружението „Вера“ им ги дадоа своите пораки во писмена форма на градоначалникот Јаневски и на вработените во општина Струмица.