strumica denes logo

СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА ДОБИ ДОНАЦИЈА ОД 25 МЕДИЦИНСКИ КРЕВЕТИ И 25 КИСЛОРОДНИ ПРОТОКОМЕРИ ОД ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС!

Автор:

Датум:

април 8, 2021

Категории:

Здравје

Автор:

Датум:

април 8, 2021

Категории:

Здравје

ЈЗУ Општа болница – Струмица го опреми Инфективното оддел со 25 нови болнички кревети со механизам и 25 сетови кислородни протокомери, донација по повод Светскиот ден на здравјето, а наменети за хоспитализација на болните од Ковид-19. Со новата опрема се подобруваат условите на Инфективно одделение. Пациентите, кои досега беа сместени во адаптираниот ковид центар во хируршките амбуланти следната недела ќе бидат префрлени на Инфективниот оддел каде се направени потребните адаптации на просторот потребни за нега на пациентите. Според директорката на ЈЗУ Општа болница – Струмица Катерина Кузмановска испразнетите легла во хируршките амбуланти ќе останат на располагање како и досега, со што практично со донацијата од Еуромакс ресоурцес болницата ги подобрува условите и капацитетите за пациентите за интензивно лекување на инфективно одделение за болните од Ковид 19.

“Во изминатиот период спроведовме неколку активности да го адаптираме просторот за да има поадекватни услови за лекување на болните од Ковид 19. Инфективниот оддел за лежечки пациенти кој е на вториот кат од болницата ни го отежнуваше транспортот на кислород до леглата но сега спроведовме централен довод на кислород од новиот хируршки блок до инфективното одделение. Голема благодарност за донацијата од Еуромакс ресоурцес, за набавка на 25 протокомери за кислород за сите 25 болнички легла и нови болнички кревети. Се надевам дека со набавката на течен кислород кое е во тек овие денови ќе може да го ставиме во функција инфективното одделение. Пациентите кои доаѓаат за дневна терапија ги примаме во модуларната болница, каде имаме 36 кревети, а во моментот имаме 86 пациенти на дневна болница, со можност за опсервација и хоспитализација и во модуларната каде веќе од претходниот ден формиравме дежурни екипи” изјави директорката Кузмановска по примањето на донацијата.

Во болницата веќе се реорганизирани и докторскиот и медицинскиот персонал за да се задоволат потребите за лекување на болните, а според директорката за неколку дена пациентите ќе бидат сместени во реновираното одделение.

Живко Груевски, одговорен за комуникација и односи со јавност во Еуромакс ресоурцес рече дека денешната донацијата е само уште еден потсетник дека битката со опасниот вирус е одговорност и на сите нас, бидејќи изминатава година на еден или друг начин, сите ја искусивме битката со невидливиот противник. Се откажавме од многу од оние работи што ги сметавме дека ни се сигурни – дружбите, образованието сега е на далечина, работиме од дома, прославите се во тесниот круг на семејството, додека вирусот не ја намали жестината со која напаѓа.

„Притисокот врз здравството, односно врз здравствените работници не се намали. Затоа и вложувањата во активности за одржување на здравјето на граѓаните, особено во битката со опасниот коронавирус, е на сите нас. Изминатава година се трудиме да одржуваме континуирана комуникација со здравствените институции во Струмица и помагаме онаму каде велат дека им е најпотребно. Веќе сме во разговори и за нови вложувања во подобрување на условите во болницата, како што се набавки на ормани за лекови, целосно реновирање на некои оддели во болницата, варосување и слично. Овие активности се дел од новата програма за активности кои треба да придонесат за подобрување на севкупното живеење во Струмица и во околината. Односно, програмата предвидува и бројни активности во општините каде живеат наши вработени Босилово, Ново Село и Василево, но ќе влијаат на условите за живот на сите жители“, изјави Груевски.

Кога целиот свет се соочува со глобална пандемија од епски пропорции, Груевски дополни дека е „длабоко хумано сите да преземеме дел од одговорноста – да се придржуваме стриктно до мерките за индивидуална заштита, да се вакцинираме и приоритетно секаде и на секој можен начин да помагаме на здравствените институции и здравствените работници кои со натчовечки напори се борат за нашето здравје“.

Болницата во Струмица изминатиов период покрај болните од Струмица и од околните општини Босилово, Ново Село и Василево, прима пациенти и од Валандово, Гевгелија и од Радовиш.