strumica denes logo

КРУМ ВЕЛКОВ: ФАКТИТЕ ЗА РУДНИКОТ!

Автор:

Датум:

јули 27, 2018

Категории:

Здрава Котлина

Автор:

Датум:

јули 27, 2018

Категории:

Здрава Котлина

 

(Презентирани на Консултативната средба со Владата, Еуромакс Рисорсис и експерти во Струмица на 20.07.2018)

ЕДЕН: Американската Агенција за заштита на околината EPA (Environmental Protection Agency) е врвната државна институција за заштита на природата и животната средина во САД. Таа решава за дозволи, врши инспекции, решава за забрани. Изминативе години, Агенција затвори околу 30 рудници за бакар и злато само во западниот дел на САД. Оставија само еден, во пустината на Невада, заради тоа што тој рудник е многу далеку од населени места.
Зошто ги забранија рудниците? Затоа што, Агенцијата утврдила дека 40% од водотеците (подземни и надземни води) на американскиот запад се загадени како директна последица од работата на овие рудници. Како резултат на загадувањето, досега се иселени околу 30 градови од околината на рудниците (Гилмор, Кингрок Таун…), односно околу 700.000 нивни жители морале да избегаат од смртоносното загадување. Денес, тоа се т.н. Ghost Cities –Градови Духови, тажни и морбидни споменици на безобѕирната експлоатација и алчност на рударските компании.
ЕPA се обидела да изврши рехабилитација на еден од тие градови, Рединг, Калифорнија, кој настрадал како резултат на работата на рудникот Ричмонд на Железната Планина. Досега потрошиле 200 милиони долари во обид за деконтаминација на почвата и водите и утврдиле дека тоа е невозможно. Утврдиле дека ерозијата на Железната Планина, како последица од рудникот, ќе продолжи да дренира и да продуцира рударски отрови во наредните 2.500-3.000 години.

ДВА: Секаде каде што има бакар и злато има и сулфати, тешки метали, од кои најотровни се арсенот, талиумот и кадмиумот. Тоа е правило: секаде, без исклучок. При рударските ископувања, тие бидуваат ослободени. При допир со воздухот, сулфатите се претвораат во сулфурен оксид, а со вода, во сулфурна киселина. Така што, паѓаа во вода тврдењата на Еуромакс Рисорсис дека немало да се „употребува“ сулфурна киселина. Тоа е измама, сулфурната киселина не се употребува, таа се создава како резултат на ископувањата и обработката на рудата со вода. Над Иловица, ќе се ископуваат 30 милиони тони јаловина годишно, ќе се одложува, а од неа, без исклучок и без спас, ќе се загадат сите поздемни и надземни води.

ТРИ: Од ископувањата на огромни количини земја, јаловина, ќе се создаваат огромни количини отровна прашина. Тврдењата на Еуромакс дека тоа ќе се санирало со прскање со вода се смешни, бидејќи за тоа се потребни огромни количини вода на дневна основа – невозможна мисија. Не постои начин да се сопре прашината. Дневно ќе се ископуваат по 164.000 тони, што значи 2.000 тони прашина на ден. Тоа значи 730.000 тони прашина годишно врз Струмичката котлина, односно десеткувано земјоделие за само 2-3 години. За 15 години, вкупно 10 милиони тони прашина ќе паднат врз нас. Или, целата Струмичка котлина, заедно со Радовишко поле, со вкупно 29.000 хектари, ќе добие слој отровна прашина дебел 10 см. (Прашината ќе предизвикува и кисели дождови).
Сулфурниот оксид, арсенот, кадмиумот и талиумот уште при ископувањето се врзуваат со опасните МП 2,5 честички. Тие патуваат до 50 км. (некои тврдат и до 2.000 км.) – т.е. до сите нас во Котлината и пошироко. Сулфурниот оксид и во организмот се претвора во сулфурна киселина, со краен исход смрт на тој организам.
Ова се нарекува – комплетна контаминација. Живот во такви услови е невозможен. Ќе мораме да се иселиме, ако преживееме.

Препорака: Студијата (специјалистички труд) на Лидија Темелкова од Универзитетот Гоце Делчев во Штип со наслов „Тешки и токсични метали во крвта кај здрава популација“, за ефектите на овие отровни материи врз човечкиот организам.

ЧЕТИРИ: Еуромакс никаде ја нема презентирано наводната технологија без цијанид и сулфурна киселина. Не постои технологија која е исплатлива за 0,3-0,7 грама злато во еден тон руда, колку што е концентрирано во Иловица. Технологии без цијанид (флотација, гравитациона постапка) се употребуваат за наоди со над 12 грама злато на еден тон руда, што не е случај со Иловица-Штука. Новата технологија на Еуромакс е илузија – не им се исплаќа. Тогаш зошто манипулираат?

ПЕТ: Земјоделие vs. рударство. Целокупната струмичка економија е традиционално заснована на земјоделието. Тоа е и културолошка одлика на регионот. Ние покренавме Иницијатива за заштитени зони и национални паркови на Југоистокот, со цел да иницираме развој на органско производство, кое е огромен тренд во светската економија и кое генерира огромни приходи. Ако владата поддржи/преземе таква долгорочна стратегиска иницијатива, приходите од земјоделието во регионот ќе бидат неспоредливо поголеми од оние на каков било рудник/рудници. (Види го текстот на Предлог-иницијативата во коментар).

РЕПЛИКИ:
-Официјален став на ЕPA: „Овој тип рударство ја прави најголемата штета врз човековата околина преку загадување на воздухот, водата и почвата со најотровни елементи“.
-Раководителот на Хемискиот институт при Природно-математичкиот факултет во Скопје, проф. Трајче Стафилов, тврди дека рудниците Саса и Злетово, кои се од подземен тип (наводно побезбедни) и кои се само 5% од капацитетите на рудникот Иловица-Штука, имаат загадено 15.000 хектари почва, за која тој тврди дека е најзагадената почва во Европа!
-Македонија нема закон за максимум дозволена вредност на загадување на почвата. Има за воздухот и водите, но нема за почвата. Зошто нема?
-Тврдењата (на присутните, и воопшто) дека заедно можеле да коегзистираат рударство и земјоделие се, најблаго речено, смешни. Ако не друго, во мигот кога рудникот ќе почне да работи, конкуренцијата ќе го искористи тоа (кој ќе купува зеленчук од регион со отровен рудник?) и за една година ќе имаме уништена регионална економија, базирана на земјоделие.
-Државите со големи површини имаат огромни ненаселени пространства, каде што отвораат рудници. Македонија е мала по површина и не може да издржи развој на рударство.

ЦИТАТИ:
MINEO (Проект на ЕУ за контрола и мониторинг на работата на рудниците и нивното влијание врз човековата околина):
„Рударските операции комплетно го менуваат рељефот и конфигурацијата на теренот, при што вршат експозиција на дотогаш нечепнатата земја, чии резултати се ерозија и деградација на таа почва, формирање огромни депонии на преработена руда, хидројаловишта и акумулации.“

МЕЃУНАРОДЕН ИНСТИТУТ ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВАТА ОКОЛИНА И РАЗВОЈ:
„Раселувањето на локалните заедници е значајна причина на отпор на населението и конфликти поврзани со отворањето на овие рудници. Цели населени места можат присилно да бидат раселени. Покрај губењето на нивните домови, локалното население може да ја изгуби и земјата и егзистенцијата.“

УШТЕ ЕДНА РЕПЛИКА: Ова се сите отровни елементи кои ќе ги добиеме од работата на рудникот: тешки метали, цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфати, комплекси од метали, селен, манган, кадмиум, талиум, жива. Податоците се од прес-конференција на вашата партија (кон Премиерот) од 2016 година, мислам. Прочитајте ја студијата на Лидија Темелкова од Медицинскиот факултет во Штип за тоа што тие отрови му прават на организмот (кон претставниците на Еуромакс и ЕБОР):

Канцер. Смрт.

НАПОМЕНА: Немаше време и за другите факти. Соборците од Здрава Котлина презентираа уште неколку тури аргументи, пред кои претставниците од Еуромакс главно молчеа.

КРУМ ВЕЛКОВ