Студенти од Машинскиот факултет учеа за логистика и менаџмент на снабдувачки синџири во компанијата Џонсон Мети. Низ шест дневна обука, секој студент научи како функционира глобалниот систем на снабдување на Џонсон Мети, оптимизацијата на логистичките патишта и ефикасното менаџирање со залихи во фабриката. Обуката се реализираше во февруари и на неа учествуваа 14 студенти, под менторство на експерти кои што управуваат со логистиката и снабдувачките синџири на Џонсон Мети Македонија и Глобалниот снабдувачки синџир.
За Боријан Борозанов, директор на Џонсон Мети Македонија, активната и континуирана двонасочна соработка со факултетите, како дел од стратегијата за развој на таленти, е еден од топ три приоритети за Џонсон Мети. „Покрај нашите стандардни програми за практикантство и развој на лидерство, се радуваме што имавме можност да бидеме домаќини на оваа иницијатива и првата група на екстремно надарени и мотивирани студенти. Учесниците добија детален приказ на „реалниот живот“ и барањата и очекувањата на компаниите – идни работодавци. Интерактивноста на програмата е во извонредната можност нашите вработени да пренесат дел од својата екпертиза и искуства, но и да добијат многу добри и интелегентни прашања и свежа перспектива“, објаснува Борозанов.
Соработката на Џонсон Мети со Машинскиот факултет е долготрајна и навистина плодна. „По успешно реализираниот Саем за пракса и вработување во ноември минатата година, како и на неколку пати реализираните гостувања на експерти-предавачи од компанијата на повеќе предмети на факултетот, нашата соработка ја продолживме во форма на заедничка напредна обука за студентите на Машинскиот факултет – Скопје“, вели професор д-р Радмил Поленаковиќ. Според него, студентите по дипломирање на овој факултет мора да поседуваат вештини и компетенции кои ќе ги направат конкурентни и лесно вработливи на пазарот на труд. „Побарувачката за инженерски кадар е се поголема и тоа е евиденто по фактот што голем број од нашите студенти, уште во текот на студирањето, добиваат понуди за сериозни пракси, односно за вработување. Пристапот кој Машинскиот факултет во последните години го практикува за што е можно поголема соработка со компаниите и нивно директно вклучување во работа со студентите (преку предавања, проекти, поддршка на студентски активности и натпревари и слично) вродува со плод на взаемно задоволство на сите три инволвирани страни, факултетот, студентите и компаниите“.
Марија Поповска, студентка на Машинскиот факултет во Скопје, која беше дел од обуката, ги сподели своите впечатоци. „Работев со луѓе од различни области на 6-дневната напредна обука за управување со синџирот на снабдување, која ми помогна да ја сфатам оваа сложена низа на настани. Експертите на Џонсон Мети се фокусираа на посветување внимание на различни области за непречено ракување со производствените ресурси, правејќи ја обуката тешка, но привлечна. Ова помогна да ги сфатам предизвиците на менаџерите на синџирот на снабдување и како ефикасно да ги распределувам и користам ресурсите. Бидејќи бев дел од висококвалитетно работно опкружување со истакнати членови на тимот, при заминување останав со силна верба дека иднината на една компанија е во рацете на нејзините кооперативни соработници и одличното раководство“.
Според професор Ташко Ризов, логистиката и управувањето со снабдувачките синџири е една од најпотценетите теми во светски рамки. „Честопати логистиката се поистоветува со транспортот и превозот на стоки. Меѓутоа, денес, во светски рамки логистиката и управувањето со снабдувачките синџири е од клучно значење за стекнување со конкурентска предност на едно претпријатие. Вообичаено, претпријатијата можат да стекнат конкурентската предност преку иновации, оперативна ефикасност и/или силни релации со купувачите. Токму преку успешно управување со снабдувачките синџири и логистиката може да се постигне оперативната ефикасност, односно компанијата да работи попрофитабилно“, објаснува Ризов.
Основната идеја на оваа активност, според него, е студентите да ја спојат теоријата со праксата. По завршување на обуката, сите студенти кои се заинтересирани за продолжување на соработката добија можност да аплицираат на отворениот повик за пракса во ЏМ.