Поскапеа лебот, шеќерот, кафето, леќата, месото, маслото, јајцата, сирењето!

ноември 17, 2021

Лебот, кафето, леќата, месото, млечните производи… ова се дел од листата на производи кои што периодов поскапеа. Поскапување од 5 денари има кај сирењето, кашкавалот, урдата, па на два пати по 10 денари во период од еден месец на свинското месо, од 7 до 10 денари кај лебот. Од Министерството за економија велат дека ги следат состојбите со цените и дека ако значително се забрза растот на цените, ќе се прави проценка за следни чекори.

Ако пред 2 месеци пакетче леќа сме го купувале за 25 денари, сега цената на истиот производ е 48 денари, 200 грама кафе од цена на 76 денари сега е 84 денари, шеќерот од 32 денари стаса до цена од 36 денари, белиот леб кој што се продаваше по цена од 15 денари, сега е 22 денари, односно лебот е поскапен од 7 до 10 денари.

Поскапеа и јајцата, односно ако претходно пакување од 15 јајца го купувавме по 79 денари, сега цената е 95 денари.

Од 5 до 10 денари има поскапување кај сирењето и кашкавалот. Најголемо покачување има кај маслото за јадење, односно цената е 92 денари, па дури и до 105 денари за литар масло.

Покачени се и цените на месото во просек од 10 до 20 денари, па и повеќе.

Цената во дел од поголемите маркети на свинската кртина е околу 310 денари, свинското каре е 379 денари, а бутот се продава по цена од 325 денари.

Во месарниците телешкото месо се продава по цена од 690 денари, а свинското околу 315 денари. Плескавиците, ражничите, увијачите… и другите производи во месарите се исто така поскапени по 10 денари.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: