ОД 1 ДЕКЕМВРИ ПЛАСТИЧНИТЕ КЕСИ ЌЕ СЕ НАПЛАЌААТ ПО 15 ДЕНАРИ ВО МАКЕДОНИЈА!

септември 22, 2021

Пластичните кеси од 1 декември се забрануваат, а на пазарот ќе се продаваат биоразградливи кеси за 15 денари по парче кои ќе треба да бидат произведени според пропишани стандарди за биоразградливост. Ова се предвидува во Законот за управување со пакување и отпад од пакување кој Собранието го донесе.

Но, од Иницијативата за забрана за пластични кеси за Радио МОФ потсетуваат дека ваква забрана веќе имаше, но е анулирана со други акти, така што нејзиното спроведување пак ќе зависи од подготвеноста за тоа на институциите.

Ваква забрана веќе постои од 2012 година, но во 2013 година таа беше анулирана со подзаконски акт – Правилник за стандардите на биоразградливост, донесен од самото Министерство. Со Правилникот е направено двојно кршење на законот, прво – зашто речиси сите сектори се изземени од забраната и второ – што пластичните кеси со додадени адитиви (т.н. оксоразградливи кеси), ги протнаа на пазарот како биоразградливи. Одовде, нашиот притисок продолжува во насока, со новите закон и правилник конечно да добиеме вистинска забрана и вистинска биоразградливост – објаснуваат тие.

Во законот истовремено се утврдува и дека трговците се должни да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси, која треба да ја доставуваат до стручниот орган. Вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси, трговците треба да ја пренесуваат на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина.Дополнително, со него се забранува и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјава. Од Иницијативата сметаат дека ваквата забрана е „минорна и смешна“, потенцирајќи дека забраната се однесува само на заштитените подрачја.

Дотолку повеќе што од 3 јули годинава, во сите држави членки на ЕУ веќе стапи на сила забрана на 10 вида еднократна пластика, како и забрана на целата оксоразградлива пластика. Недозволиво е за Македонија, земја аспирант за членство во ЕУ, волку да заостанува во однос на европските регулативи“, велат тие.

Во меѓувреме, тие сметаат дека цената од 15 денари секако ќе ги демотивира потрошувачите непотребно да купуваат кеси за еднократна употреба, преориентирајќи се кон користење на други алтернативи.

Оваа мерка, паралелно со подигањето на јавната свест за штетните последици од загадувањето со пластика, во голема мера би придонела за поздрави навики и почиста околина- додаваат од Иницијативата за забрана на пластични кеси..

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: