Наставниците ќе земат зa 1.000 денари повисока јануарска плата

февруари 11, 2023

За околу 1.000 денари ќе им биде повисока јануарската плата на просветните работници во основното и во средното образование, која треба да ја земат околу 15 февруари. Ова се случува согласно спогодбата која лани ја потпишаа првите луѓе на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, по ланскиот неколкунеделен штрајк на СОНК, кога бараа повисоки плати за наставниците.

„Покачувањето е обврска од спогодбата лани што ја потпишавме, со која се договоривме да има покачување за вкупно 15 отсто. Првото покачување го добија во септември, за околу 4.000 денари, а второто ќе биде сега“, вели за Мета.мк претседателот на СОНК, Неделков.

Тој појаснува дека покачување ќе има за сите вработени во основното и средното образование, но овде не спаѓа техничкиот персонал бидејќи за нив имаше покачување со ланската мартовска плата.

Во соопштение, Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во целост ги почитува и исполнува одредбите од колективните договори во основното и средното образование кои се склучени со СОНК како важен партнер во унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес во државата.

„По растот на платите на наставните во септември минатата година, со почетокот на оваа година следува ново зголемување. Континуираниот раст на личните примања покажува дека работиме во најдобар интерес на наставниците, а еден од главните приоритети за нас е унапредувањето на нивната положба во општеството. Просветните работници се најважната алка во воспитно–образовниот процес, а нивната мотивираност за работа се одразува на квалитетот на наставата“, наведено е во соопштението на МОН.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: