KAPITAL.MK:
Интервју со Никола Гулев, главен финансиски директор на Еуромакс Ресоурцес
Еуромакс Ресоурцес е меѓународна компанија за развој на проекти за рудници и котира на Берзата во Торонто. Од мај 2012 година, со назначувањето на новиот менаџерски тим, Еуромакс ја насочува својата корпоративна стратегија за развој на проектот за бакар Иловица-Штука во Македонија. Проектираниот рудник за бакар е лоциран во рамките на општините Босилово и Ново Село во југоисточна Македонија.
Поддржан од светски докажани инвеститори, Еуромакс го развива проектот согласно највисоките еколошки стандарди, и ќе биде уште еден пример за тоа дека најсовремените методи на рударство можат да коегзистираат со земјоделството.
Никола Гулев стана дел од тимот на Еуромакс во 2015 година и две години подоцна беше назначен за главен финансиски директор во компанијата.
Пред Еуромакс, работел во KPMG Скопје, во одделот за внатрешна ревизија на Стопанска банка АД Скопје и во PricewaterhouseCoopers Скопје. Од 2014 година е член на Здружението на овластени сметководители на Обединетото Кралство (ACCA).
-Еуромакс Ресоурцес е првата македонска компанија која котира на Берзата во Торонто. Како тоа што сте јавна компанија во Канада влијае врз вашето работење во Македонија?
Да, Еуромакс Ресоурцес е првата компанија со седиште во Македонија која котира на берзата во Торонто и е во сопственост и под контрола на престижни меѓународни инвеститори ЕБОР, Трафигура, Ора Капитал, Еквинокс Партнерс и Инвестек Банк, кои имаат искуство со безбедно работење со рудници низ целиот свет, и се посветени на работење во согласност со законските регулативи и примена на најдобри практики и стандарди за безбедност.
Кога една компанија станува дел од берза, тоа значи постојана обврска да се исполнат очекувањата и целите на транспарентен начин, согласно законските регулативи. Односно, компанијата мора да ги почитува сите законски прописи во земјата каде што се наоѓа седиштето и нејзиното работење да е и во согласност со одредбите во земјата каде што е регистрирана, во нашиот случај, Канада. Дополнително сеподготвуваат тримесечни и годишни финансиски извештаи кои се јавно достапни, согласно регулативата на берзата во Торонто. Сите значајни исплати до државните институции се обелоденуваат согласно канадската регулатива за транспарентно работење.
-Спомнувате влијателни инвеститори. Колку ќе инвестираат во проектот?
Проектот Иловица-Штука ќе биде најголемата гринфилд инвестиција во Македонија. Досега се вложени повеќе од 40 милиони евра во развојот на проектот. Согласно подготвените студии, предвидената инвестиција е 343 милиони евра. Дел од потребните финансии ќе се обезбедуваат преку заем, а остатокот преку издавање на нови акции од страна на Компанијата со седиште во Канада. Моментално имаме активен договор со „Ројал Голд“ во вкупна вредност од 175 милиони американски долари, од кои 160 милиони американски долари се планирани за изградба на проектот.
Дополнително, Друштвото има склучено преддоговор за меѓународно кредитирање со Сосиете Женерал (Франција) и Уникредит Банка (Италија/Германија) во вкупна вредност од 215 милиони американски долари.
Зад Еуромакс стои раководен тим кој е одличен спој на финансиски и оперативни експерти со повеќе од 200 години заедничко работно искуство во рударството.
-Кои ќе бидат придобивкитеод Проектот за жителите во регионот?
Проектот Иловица-Штука ќе обезбеди 500 директни и 2.700 индиректни вработувања, а предност во вработувањата ќе има локалното население.
Сите жители од локалното подрачје кои ги имаат потребните вештини ќе добијат можност да аплицираат за работа во Еуромакс. Многу индиректни вработувања ќе бидат создадени како резултат на процесот на изградба и работењето на рудникот поради потребите од храна, транспорт, сместување. Добавувачите ќе се лоцираат близу до идниот рудник и тие дополнително ќе ангажираат локални жители. Многу локални бизнисмени ќе имаат придобивки како резултат на повисокиот стандард на живеење.
Ќе бидат склучени договори со локални компании во висина од околу 180 милиони евра за време на изградбата и ќе се трошат 73 милиони евра годишно за локални набавки и услуги.
Еуромакс веќе придонесува кон социо-економскиот развој на заедниците преку директни инвестиции во заедниците. Меѓу позначајните идни инфраструктурни проекти кои ќе бидат реализирани за потребите на проектот, а ќе бидат од голема корист за локалната средина, е замената на водоводната мрежа за жителите на двете најблиски села. Toa ќе го реализираме во соработка со општината Босилово, а жителите во Иловица и Штука ќе се поврзат со систем за водоснабдување со пречистена вода за пиење. Ќе инвестираме и во поврзување на два надземни далноводи до постојните трафостаници во Сушица и Берово за да се обезбеди електричната енергија за работењето на рудникот, кои потоа остануваат во сопственост на државата.
– Добивката на државата ќе изнесува 2% од количината на ископана руда. Што всушност значи тој процент?
Согласно Законот за минерални суровини, надоместокот за минерални суровини се пресметува според вредноста на металот.
Иако процентот изгледа многу мал, сепак на годишно ниво се проценува дека надоместокот ќе изнесува околу четири милиони евра и претставува 6% од добивката на Компанијата пред нејзино оданочување. Три милиони евра од таа вредност годишно ќе бидат внесени директно во буџетот на локалните општини што ќе придонесе кон нивно зголемување за 40%.
Дополнително на тоа, државата добива и данок на добивка за остварената добивка на компанијата и даноци и придонеси платени за директните вработени.
-Кое ќе биде влијанието на Проектот врз националната економија?
Прво, проектот Иловица-Штука ќе биде значајна странска инвестиција. Со 343 милиони евра кои ќе бидат инвестирани во текот на изградбата, проектот Иловица-Штука претставува најголемата гринфилд инвестиција во Македонија од нејзината независност.
Второ, со генерирање на просечен годишен приход од 180 милиони евра, проектот ќе придонесе во зголемување на БДП за дополнителни 3%.
Трето, проектот Иловица-Штука ќе има значително позитивно влијание врз македонскиот извоз. Просечната годишна вредност на извозот за време на 23-годишното работење ќе изнесува околу 180 милиони евра годишно што претставува зголемување од околу 4% на македонскиот извоз.
За време на работењето, Проектот се очекува да генерира приближно 24 милиони евра преку плаќање на даноци, концесиски надоместоци и придонеси на годишно ниво.
– Македонија има рударска традиција, но повеќе децении немало позначајно нова инвестиција во рударството. Истокот на Македонија е богат со минерални суровини кои можат значајно да го повлечат економскиот развој. Можеме ли како држава да направиме спој меѓу рударството и земјоделството?
Апсолутно. Ние ја почитуваме важноста на земјоделството во регионот и би сакале во соработка со жителите и земјоделските друштва да помогнеме да се зајакне земјоделското производство и да се подобри нивниот капацитет. Рудникот ќе нема негативни влијанија врз земјоделството, како што е веќе опишано во нашата јавно достапна Студија за оцена на влијанието врз животната средина, а преку проектот и земјоделството ќе има корист од подобрената инфраструктура и системот за наводнување. Постојат многу примери во светот каде рударството и земјоделието коегзистираат, односно, во непосредна близина на земјоделско земјиште работи и рудник, како што е во Шпанија, САД, Канада, Турција и Австралија.
– Каква е вашата визија генерално за идниот раст и развој на компанијата?
Ние сакаме да го реализираме проектот Иловица-Штука бидејќи го гледаме како модерен рудник на можности. Наша цел е компанијата да биде долгорочен економски партнер кој ќе го поттикне регионалниот и националниот економски развој со гаранција за заштита на здравјето на жителите и животната средина. Потенцијалите на рударството во Македонија се големи, и како мала држава треба да ги искористиме. Рударството е економски двигател во многу поголеми држави низ светот, треба да ги следиме најдобрите можни практики и искуства од овие поразвиени економии за да го поттикнеме развојот на нашата.
Рудните богатства во Иловица-Штука првпат се докажани пред речиси половина век
Еуромакс Ресоурцес интересот за рудните богатства во Македонија го пројавува речиси 40 години откако за првпат биле направени истражувањата во Иловица-Штука. Геолошкиот завод на Македонија во 1973 година ги спровел раните геолошки истражувања на ресурсите во Иловица-Штука, но тие стануваат интересни за инвеститорите со модернизацијата на рударството и новите технологии за експлоатација на рудните. Во периодот од 2004 до 2011 година „Фелпс Доџ Вардар“ ДООЕЛ Скопје продолжува со истражувањата во регионот, а подоцна концесиите за детални геолошки истражувања ги презема „Еуромакс Ресоурцес“. Во периодот од 2013 до сега, Еуромакс има спроведено дополнителни геолошки и инженерски истражувања, како и истражувања во однос на животната средина.
ЕБОР и Трафигура се најголемите акционери во Еуромакс
Еуромакс е во сопственост и контролирана од меѓународно признати и реномирани инвеститори кои се посветени на безбедно, модерно и одговорно работење со целосна транспарентност. Меѓу нив, најголеми акционери во компанијата се ЕБОР, познат поддржувач на разни економски проекти во Македонија, како и Трафигура.
ЕБОР промовира развој на проекти со одговорност кон животната средина, а проектите кои ги финансира се обврзани да бидат проектирани и да работат во согласност со најдобрите меѓународни практики поврзани со одржлив развој.
Трафигура е еден од главните акционери во Еуромакс и исто така една од водечките светски независни трговски и логистички куќи. Тие инвестираат во компании за природни ресурси ширум светот и има капитал од над 40 милијарди американски долари.
Рамка 3. Иловица-Штука, модерен рудник што нема да влијае врз животната средина
Работењето на проектот Иловица-Штука, според Еуромакс, ќе биде во согласност со меѓународни најдобри практики и во кое ќе се користат модерни технологии од Европа, САД и Канада. При проектирање на рудникот и неговото функционирање предвид се зема и фактот дека струмичкиот регион е пред сѐ земјоделски, и се превземаат чекори и планови за управување со животна средина и социјални аспекти, кои ќе обезбедат за рудникот и земјоделието заедно да коегзистираат.
Во април 2016 година, Еуромакс ја објави Студијата за оцена на влијанието врз животната средина која е во согласност со важечките регулативи во Република Македонија. Компанијата веќе изработува дополнување на Студијата во форма на Елаборат за заштита на животната средина согласно доброволната одлука на Еуромакс да се отстрани цијанидот во обработката на рудата.
ИЗВОР:КАПИТАЛ.МК