ЕУРОМАКС: Значително зголемен интерес за вработување во рударскиот комплекс Иловица-Штука!

август 27, 2021

Дури 753 апликации за вработување во рударскиот комплекс Иловица – Штука биле пристигнати во изминативе пет месеци од индивидуалци од Струмичкиот регион и другите делови на државата, иако рудникот е сẻ уште проект што чека развој. Ова го покажува интерниот извештај на HR оделот на Еуромакс Ресоурцес која го развива проектот за рудник за бакар во под Огражденскиот регион. Информацијата за големиот интерес за потенцијалните нови вработувања компанијата ја сподели на својата официјална Фејсбук фан страница.

Интересен куриозитет е дека повеќе од една третина од апликациите се поднесени од припаднички на женскиот пол со што се потврдува исправноста на компаниската заложба за родова еднаквост и кршење на предрасудите дека рударска индустрија на 21 век – е сẻ уште исклучиво “машка“ професија.

“Само во летни месеци јули и август, до нас се доставени вкупно 67 нови или ажурирани апликации каде подносителите назначиле дека нивното моментално место на живеење е во друга држава на привремена работа, што особено не радува бидејќи покажува интерес од луѓе кои функционирањето на рудникот го гледаат и како шанса да се вратат дома.

Од начелната анализа на прегледот и новите 753 апликации добиени во изминатите 5 месеци, лесно може да се согледа дека има евидентиран интерес буквално за сите потенцијални работни позиции директно во и околу рударскиот комплекс.” – велат од компанијата.

Значително зголемениот интерес за работа во рударскиот комплекс “Иловица-Штука” е уште една директна потврда за незапирливиот растечки тренд на поддршка од локалното население за проектот и искрената верба во вистинските вредности и мултиплицирани ефекти кои ги содржи овој мега-инвестициски проект за под Огражденскиот регион, но и целата држава. Од компанијата повторуваат дека вратите “им се отворени” и ги охрабруваат сите индивидуалци или компании да им пристапат и да ги искористат бројните можности за соработка.

Со проектот за модерен рударски комплекс “Иловица-Штука” кој го развиваат Еуромакс и Групацијата Трафигура предвидени се да се создадат околу 1000 директни работни места за време на изградбата и 500 директни работни места во текот на работењето на рудникот, со тоа што предност за вработување ќе имаат луѓето од околината. Околу 2,700 индиректни работни места се проценува дека ќе се обезбедат преку локалните добавувачи кои ќе бидат ангажирани за потребите на функционирањето на рудникот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ