ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА: Живеачката во јануари поскапела за 17,1 отсто во споредба со лани ова време

февруари 15, 2023

Во споредба со периодот од јануари 2022 година, оваа година во јануари годинава трошоците за живот се повисоки за 17,1 отсто, а во истиот период цените на мало се зголемиле за 13,3 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Споредено со декември 2022 година, трошоците за живот во јануари годинава се зголемиле за 0,1 процент, а цените на мало, пак, се намалиле за 0,4 проценти.

Според Државниот завод за статистика, по покачени цени се продаваат кафето, чајот, какаото, рибата и морските плодови, свежото и разладеното овошје, жестоките пијалаци, месото, лебот и житата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи.

По повисока цена се набавува и електричната енергија, а зголемување на цените има и кај услугата за собирање смет, весниците, канцеларискиот материјал, големите електрични апарати за домаќинствата, како и за нивна поправка, кујнскиот прибор, спортска опрема, производи за лична хигиена и друго.

Споредено со декември минатата година, минатиот месец по намалена цена се продавале свежиот зеленчук, маслото и виното, а намалување на трошоците бил забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт, снабдувањето со вода, обувките, горивата, како и малите електрични апарати за домаќинствата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ