Денес треба да се донесе одлука дали ќе се замрзнат цените на тестенините и млекото

март 7, 2023

Ќе има ли нови замрзнувања, ова се очекува да се расчисти на владината седница денес?! Властите најавија дека на некои млечни производи и тестенини треба да се замрзнат цените, како што се пастеризираното кравјо млеко, јогуртот и тестенините. Од Министерството за економија не соопштуваат други детали колкави ќе бидат замрзнатите цени според пакуваната количина на овие производи.

„Министерството за економија го анализира замрзнувањето на цените на тестенините и на некои млечни производи, кои во моментов се опфатени со одлуката за ограничената маржа на ДДВ, кои се дел од основните производи од потрошувачката кошничка. Ќе го следиме моделот на пекарската индустрија“, велат од Министерство за економија.

Во Европа и во земјите од регионот официјалните податоци покажуваат дека цените на млечните производи почнале да се стабилизираат. Но, граѓаните прашуваат зошто литар пакувано млеко сепак е поевтино да доаѓа од друга земја со царини и транспортни трошоци отколку 1 литар млеко што се произведува во земјава. Независниот експерт во оваа индустрија, Драган Илиевски, гледано и од аспект на производителите и од гледна точка на граѓаните, вели дека повеќе од 50 отсто од производството зависи од увозната суровина, која ги диктира цените.

И покрај оправдувањата на производителите, цените се апсурдни. Кашкавалот и сирењето станаа луксуз. Контактиравме неколку сточари и индивидуални фармери, кои ни рекоа дека пред кризата, млекопроизводителите им плаќале по 22 денари за литар, додека сега им плаќаат 28-32 денари во зависност од количината. Додека пред кризата 1 литар млеко се продаваше за 48 денари, додека истото сега се продава за 85 денари. Од Пазарниот инспекторат велат дека се подготвени да преземат нови мерки по одлуката.

„Казните се високи и се движат од 800 до 10 илјади евра, затоа апелирам да се почитуваат решенијата и ние како институција сме на терен да ја следиме состојбата и да постапиме во случај на евентуални прекршувања на законските одредби. Граѓаните не треба да трпат за лични интереси на другите. Мерките се насочени кон олеснување на состојбата на граѓаните во ваков кризен период, а нивната злоупотреба е апсолутно неприфатлива“, велат од Државен пазарен инспекторат.

Досега Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб, од 450 грама за 33 денари. Одлуката за преземање вакви мерки дојде откако дел од прехранбените компании ја искористија субвенционираната бесплатна струја, но не ги намалија цените. Државниот пазарен инспекторат веќе казни 4 фирми кои продаваа леб поскапо од дефинираната маржа со казни над 300.000 денари. После тоа, пекарската индустрија се стабилизира.

 

ИЗВОР: АЛСАТ

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ