ДАЛИ ЛЕБОТ СТАНУВА ЛУКСУЗ? ПОВТОРНО ПОСКАПУВАЊЕ ОД 5 ДО 8 ДЕНАРИ!

август 5, 2022

За една година, за одредени типови на леб, цената скокна за 100 отсто и не застанува тука.

`Ржаниот леб вчера достигна вртоглава цена од 93 денари, интегралниот од 84, а белиот на парчиња од 56 денари. Цените се нешто пониски во поголемите маркети, но речиси никаде веќе не може да се најде леб под 50 денари, пренесува „Телма“.

Секој понеделник, граѓаните ги чека нов ценовен шок на рафтовите, но од мелничко-пекарската индустрија се неумоливи. Тие ги оправдуваат високите цени со поскапувањето на енергенсите и бараат државата да им ги субвенционира компаниите со цените на електричната енергија. Во спротивно, повторно најавуваат поскапувања.

„Точно, цените на лебот се зголемени од 8 до 10 отсто поради зголемување на цените на струјата и гасот кои во август се повисоки за 100 отсто во однос на јули. Големо влијание врз цената на производите има и поскапата струја за малите пекарници кои се на регулираниот пазар и кои порано беа во категоријата на домаќинства, а сега се во четвртата најскапа тарифа заедно со големите потрошувачи. Поради тоа на овие пекарници цената на струјата им се качи од 2 на 11 денари за киловат-час“, изјави за „Вечер“ Горан Малишиќ, претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија.

Тој додава дека цената на енергенсите на европските берзи во изминатиот период значително пораснаа што се одрази и врз трошоците на компаниите кои се на слободниот пазар. Поради тоа, како што вели цената на лебот ќе расте.

„Државата мора да учествува во субвенционирање на компаниите со цените на електричната енергија, затоа што само ние сме како индустрија во нашава држава изложени на најскапа електрична енергија. Секаде во опкружувањето струјата е регулирана и субвенционирана од страна на владите. Така на пример во Србија киловат-час за мелниците е 4 денари, а кај нас 24 денари. Ако продолжат цените на енергенсите да се зголемуваат, а тие го достигнаа својот пик во летниот период, замислете што ќе биде во есенските или зимските месеци“, вели Малишиќ.

Пекарниците најавуваат и нови цени на бурекот и белите печива. Бурекот, кој пред неколку месеци е поскапен за една четвртина, чини 70 денари, а може да стигне и до 100 денари. Нови цени ќе имаат и белите печива кои сега се продаваат од 30 до 60 денари.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ