Home

Perdormire
Економија Струмица

Д-Р ЖИВКО ГРУЕВСКИ: „Македонската економија – да се биде или не“

Home

„… додека ги пишував овие редови, во главата упорно ми одѕвонуваа музичките акорди и безвременската порака од текстот на култниот евергрин отпеан од рок легендата Дадо Топиќ (1978) „Ја хоќу ЖИВОТ – Болји ЖИВОТ…“

Девастирачките економски и социјални последици од пандемиското „цунами“, само го мултиплицираа чувството на разочараност и бесперспективност, посебно кај младите генерации и дополнително го засилија разорниот тренд на економски мотивираната миграција. Покрај политиката, информации за неповолните економски текови, енергетската криза, инфлаторните притисоци и загрижувачкото зголемување на трошоците за живот, нападно ги диктираат насловните страници и ударните прилози на сите медиуми. Недостатокот на реални странски и домашни инвестиции генерира хронично ниска понуда на квалитетни и добро платени работни места, непристојно низок животен стандард кој обезбедува само преживување или „живуркање“ без јасно препознатливи можности за прогрес. Речиси и да нема семејство кај кое дел од нивните најблиски роднини, комшии и пријатели не се веќе иселени во некоја од економските развиени земји. Голем дел од нашата млада популација, едуцирани и во најдобра работоспособна кондиција, искрено и отворено потврдуваат дека во Македонија не ја гледаат својата иднина па затоа интензивно планираат да се иселат во странство барајќи можности за поквалитетен и посреќен живот.

Сите сме помалку презаситени од напливот на мноштво аргументирани и академски елаборирани економски студии, анализи, статистички извештаи, експертски предупредувања и прогнози. Всушност, нам никогаш и не ни недостасувале стручни мислења со кои се дијагностицираат прецизно слабостите и проблемите во економијата. Но, ние хронично патиме од недостаток на храбро и одлучно соочување со реалноста и проактивно преземање на конкретни акции и дела за позитивни резултати – Сега и Веднаш! Високите достигнувања за поквалитетен, подостоинствен и посреќен живот на сите наши сограѓани се практично остварливи само преку забрзан економски развој. И да бидам директен и прецизен – Во актуелниве кризни времиња единствено реална, повторувам ЕДИНСТВЕНА мега странска гринфилд инвестиција која е веќе во земјава и е целосно подготвена веднаш да започне со оперативна реализација, е токму проектот на Еуромакс Ресоурцес и глобалниот деловен гигант Групацијата ТРАФИГУРА, за современ рударски комплекс за бакар „Иловица – Штука“!!!

Да ве потсетам на фактот дека во изминативе петнаесетина години за подготвителна фаза на геолошки истражувања, проектирање, физибилити студија, изработка на меѓународно потврдена „Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти“, како и за сите други неопходни активности и професионално ангажирани домашни и странски експерти – кумулативно се инвестирани околу 50 милиони евра.

Сега, за првите две години на интензивна изградба на рударскиот комплекс, обезбеден е инвестиционен буџет од околу 340 милиони евра. Во оваа фаза, околу 180 милиони евра ќе бидат исплатени по реализација на комерцијални договори со домашни компании, кооперанти од различни сектори на македонското стопанство.

Во текот на планираниот период од 25 години за оперативно функционирање, по основ на „outsourcing“ сервиси, секоја година редовно ќе се исплаќаат по околу 75 милиони евра на домашните кооперанти… само по овој основ, кумулативно за период од 25 години ќе бидат исплатени околу 1,87 милијарди евра.

Секоја година редовно ќе се плаќаат приближно 24 милиони евра во националниот буџет по основ на законски давачки, даноци и такси. Околу 5 милиони евра на годишно ниво ќе се слеваат директно во општинските буџети на Босилово и Ново Село. Само богати и економски развиени општини, региони и држава, можат реално да си дозволат практично реализирање на сите приоритетно планирани инфраструктурни и комунални проекти, како и одржливо инвестирање во грижата за заштита на животната средина што е од интерес за сите жители независно од нивните политички, етнички, верски или културни различности.

Веднаш по започнувањето со оперативното работење, овој рударски комплекс ќе се придружи на ТОП 3 извозните компании од нашата држава со проектиран просечен извоз (зависно од берзанските цени на бакарот!) од околу 200 – 250 милиони евра годишно. Значајните приливи на девизни средства во државава во голема мерка ќе помогнат во одржувањето на билансот на плаќање во услови на трговски дефицит поради повисокото ниво на увоз во однос на извозот, ќе допринесат за ублажување на инфлаторните притисоци, зголемувањето на девизните резерви и ќе помогнат за одржување на стабилноста на националната валута…

За оперативно функционирање на овој рударски комплекс потребни се над 500 директни работни места со еднакви можности за сите кандидати од различни професии и правична „родова – балансираност“ кај сите позиции. Експертскиот тим ќе помогне преку организирање и финансирање на ефикасни теоретски и практични обуки, како и индивидуални интервјуа за професионална и непристрасна проценка на секој кандидат поединечно – личните квалификации, вештини и преференции. Согласно светските искуства, тука ќе има и реална потреба од околу 2700 „индиректни“ вработувања кај сите домашни деловни партнери – кооперанти кои по комерцијалните договори за „outsourcing“ во следните 25 години се обезбедуваат најразлични сервисни услуги и потрошни добра.

Несомнено фактите потврдуваат дека оваа мега странска гринфилд инвестиција во југоистокот на нашата држава, претставува неповторлива шанса за СИТЕ жители и домашните деловни партнери. Веднаш остварлива прилика за локалните и регионалните институции и јавни претпријатија долгорочно да си обезбедат квалитетно партнерство и стабилна финансиска асистенција, но секако и уникатна можност за нашата национална економија за забрзан и одржлив развој, прогрес со одлучно чекорење победнички напред!

И да, сепак морам да споделам со вас дека додека ги пишував овие редови, во главата упорно ми одѕвонуваа музичките акорди и безвременската порака во текстот на култниот евергрин отпеан од рок легендата Дадо Топиќ (1978) „Ја хоќу ЖИВОТ – Болји ЖИВОТ“ … Стремежот за постигнување СРЕЌА и подобар ЖИВОТ (Резолуција на УН – Ден на Среќата, 20-ти март) е едно од фундаменталните човекови права и возвишена ЦЕЛ!

Д-р Живко Груевски