БИТИЌИ: Рекордна поддршка од 23 милиони евра за инвестиции на 410 компании!

јануари 12, 2023

Oваа влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на домашната економија со силна поддршка кон компаниите за инвестиции кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.

Потфолиото на инвестиции поддржани по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, кое откако беше воведен Планот за економски раст во 2017, секоја година се зголемува, како со бројот на поддржани компании така и со нивото на финансиска поддршка на инвестиции.

Поддршката, довербата и партнерскиот однос од година во година расте.

Од 2017 до оваа 2022 година, имаме потпишани 630 договори, од кои во моментов се активни 546, додека 84 се завршени договори по различни основи. Односно, од нив, 69 договори, односно компании ги завршиле инвестициските циклуси, додека 15 компании побарале спогодбено раскинување на потпишаните договори.

Во 2022 година, потпишани се нови 277 договори, убедливо најголема бројка од носењето на законот.

Оваа година, која да не заборавиме е полна предизвици, е година на пост ковид период од кој влеговме директно во увезена енергетска криза. Затоа новите потпишани 277 договори оваа година не смеат да се занемарат. Тоа значи дека нашите компании се охрабрени, поддржани и подготвени дури и во криза и непредвидливост, во каква што се наоѓаме, да планираат инвестициски циклуси. За што ние секако ќе ги поддржиме, како што тоа го правиме и во претходните 5 години.

И оваа, како и претходната година, кон компаниите државната помош ќе биде исплатена 100%. Ова е трета година по ред кога компаниите кои реализирале инвестиции, финансиската поддршка ќе ја добијат во целост. Ова е важно за предвидливост при планирање на расположливи средства во криза. Од оваа година, дополнително, со цел подобрување на ликвидноста, која е исклучително важна за компаниите во криза, воведовме исплаќање на државната помош во две транши.

Оваа година, имаме рекордна исплата од 23 милиони евра, како и рекорден број на поддржани компании, 410, по Законот за финансика поддршка на инвестиции. Бројот на компании како и буџетот за поддршка расте од година во година, од 2017 кога и започнавме со оваа програма. Само споредено со минатата година, оваа година имаме зголемување од 79% проценти на исплатена финансиска поддршка од 12,9 милиони на 23 милиони евра.

Ова се само неколку факти што го потврдуваат позитивниот тренд на раст на компаниите и зголемување на нивната конкурентност, но истовремено клучен фактор, зголемување на довербата на приватниот сектор во партнерскиот однос со државата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: