strumica denes logo

ПОГЛЕДНЕТЕ КАКВА ИСТОРИЈА КРИЕ ДЕНЕШНАТА ЗГРАДА НА ПРОКРЕДИТ БАНКА НАСПРОТИ ГРАДСКОТО СОБРАНИЕ!

Автор:

Датум:

јануари 25, 2019

Категории:

Стара Струмица

Автор:

Датум:

јануари 25, 2019

Категории:

Стара Струмица

Зградата наспроти Градското собрание и ден-денес мами со својата безвременска градба. Објектот „Српски крал“ или „Стара На-Ма“ се наоѓа на аголот од улиците „Сандо Масев“ и „Благој Мучето“ и со својата положба и архитектура завзема доминантно место во рамките на амбиенталната градска целина во централното градско јадро. Поради тоа објектот е вклучен во списокот на Културно наследство на Македонија. Во продолжение, нешто повеќе околу историјата на овој објект.

Објектот каде денеска се наоѓа „Српски крал“ во 1925 го купил војводата Илија Кацарски од село Босилово од Луна Јакуслова за 70.000 динари. Кацарски го купил местото со намера да гради дуќани. Но, наместо дуќани, со поддршка на неговиот пријател Жико Лазиќ, кој во тоа време бил влијателен човек и градски пратеник, започнал да гради објект од тврда градба со подрум, приземје, кат и поткровни простории. За кратко време објектот бил изграден и функционирал како хотел на двата ката.

Објектот бил изграден во периодот од 1926 до 1928 година од тврда градба и функционирал како прв бордел во градот Струмица. Приземниот дел бил граден и опремен за градска кафеана, додека просториите на катовите како хотелски апартмани. Неговите две улични фасади биле декорирани со релјефни сегменти од ренесанса и барок, а испакнатиот аголен дел со куполата бил знак на препознатливост на овој раскошен објект, кој го добил името „Српски крал“. Ентериерот во кафеаната изобилувал со луксуз. Во средината на просторот висел голем кристален лустер, а ѕидовите ги краселе кристални ѕидни ламби. На прозорците имало пердиња со кадифени црвени драперии. Црвените патеки на подот и скалите биле подарок за отворањето на објектот од Жико Лазиќ.

Посетители на оваa кафана биле угледни луѓе, трговци и офицери, а ги забавувал реномиран оркестар. На тротоарот пред објектот се поставувале дрвени маси со столови, каде гостите уживале во амбиентот на објектот и услугата на персоналот. По неколку години, објектот бил продаден и издаден под наем на Коце од Велес, искусен кафанџија, кој го разработил објектот до таа мера што во него доаѓале само искучителни гости, а музиката била донесена од Унгарија.

Во 1948 година објектот бил национализиран и преминал на располагање на Собранието на Струмица. Во 1949 година целиот објект бил даден на користење на претпријатието На-Ма. Вo шеесеттите години на 20 век била срушена куполата заедно со поткровниот дел на аголот од објектот и била изградена тераса на која се излегувало од поткровните простории. Во тој период објектот добил решение за споменик на културата.

Во осумдесеттите години на 20 век, приземниот дел го користил претпријатието Југопромет, катот бил издаван под кирија на станари, а поткровните простории ги користиле сликари за атељеа и работилници.

По денационализацијата, објектот бил напуштен и постепено започнал да пропаѓа, се‘ до договорот за купопродажба на недвижен имот во 2008 година, кога ПроКредит банка го откупува објектот. Објектот во текот на 2010година бил реновиран, а проектот за ентериерот и ревитализацијата е дело на архитектот Томе Тимов и неговиот соработник Устапетров Илија.