На свечениот собир по повод доделување на наградите за „Спортист на годината“ во организација на Агенцијата за Млади и Спорт, капитенот на ракометниот клуб Вардар демонстративно станал и заминал.
Македонскиот репрезентативен пикер бил револтиран од одлуката на организаторот манифестацијата за првпат да има двојазичен карактер, односно освен македонскиот јазик, да се зборува паралелно и на албански, па станал и излегол од салата. Тоа се случило за време на доделувањето на првите две награди за училишен и за средношколски спорт кои ги добија училишта од Чаир и од Тетово кога Стоилов рекол: „Срамота“ и демонстративно излегол.
Стојанче Стоилов минатата година ја доби наградата за најдобар спортист од Македонија. Реакција од Агенцијата за млади и спорт сè уште нема, а навивачите на Вардар на социјалните мрежи изразуваат поддршка за гестот на Стоилов кој и во минатото заземаше слични ставови.
Во заедничката група со неколку репрезентативци Стоилов подоцна напишал дека се чуствува засрамено и понижено. Македонските ракометари се сместени во хотелот „Александар Палас“ каде се спремаат за големото Светско првенство кое во јануари ќе се игра во Германија и Данска.