ВИДЕО: Беласица среде Тетово ја совлада Ренова и ја запиша првата победа во ПМФЛ

септември 23, 2018

На градскиот стадион во Тетово, пред малкубројна публика, фудбалерите на Ренова во рамките на 6. коло во ПМФЛ загубија од Беласица со 0-2 (0-0), во натпревар во кој повеќе од играта имаа „гипсарите“. За тимот на Беласица триумфот против Ренова воедно е и нивни први по враќањето во ПМФЛ.

Тетовчани од самиот почеток на натпреварот беа подобар ривал и константно правеа пристисок кон последната линија на гостинската одбрана. По неколку полушанси, во 25. минута Миран Маскути најпрво биеше во Вујанац, за потоа од неколку метри наместо да ја смести топката во празната мрежа, тој шутираше високо над голот.

Во 36. минута струмичани, кои во првиот дел беа ориентирани главно на одбрана направија една грешка, но Нухи од работ на шеснаесетникот млако биеше, а Вујанац без проблеми одбрани.

Вториот дел започна со полушанса за „гипсарите“, но Рамадани беше нерешителен и пропадана уште една прилика. Веднаш потоа струмичани го изведоа првиот корнер, а Балдовалиев пропушти да профитира од мешаницата и да донесе предност за својот тим. Избраниците на Беќири имаа иницијатива, Фернандо одлично се движеше по теренот, но повторно сите обиди завршуваа некаде пред шеснаесетникот. Беласица ретко се селеше на противничката половина, а по еден таков обид, во 72. минута Серафимовски откосо биеше, а голманот Кобетиќ неспретно реагираше, за водство на „кенгурите“ од 0-1.

По примениот погодок „гипсарите“ тргнаа по израмнување, но наместо тоа следеше нов шок за домаќините, Филип Ивановски одчично ја искористи катастрофалната грешка на домашната одбрана и ги постави конечните 0-2.

Во наредното коло тимот на Ренова патува на гостински терен против Академија Пандев, додека Беласица во Струмица ќе ја пречека екипата на Шкупи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: