ВИДЕА ОД ГОЛОВИТЕ: „Пандевци“ убедливи на Кукуш – Беласица немаше сили за победа!

октомври 28, 2018

Екипата на Беласица и во второто дерби на Струмица, повторно остана без решение за разиграната Академија Пандев и во Турново заслужено загуби со 3-0 (2-0), во меч кој се играше во рамки од 11. коло на Првата македонска фудбалска лига.

Дуелот на „Кукуш“, кој беше исполнат до последно место, започна како што посакуваа навивачите на Академија Пандев. По само две минути игра, „помладиот“ струмички тим по една фантастична акција како од фудбалските учебници поведе со 1-0, откако Дориев на асистенција на Илиев ја смести топката во празната мрежа на ривалот.

Мечот продолжи без многу тактизирања на двете страни, се играше отворен и борбен фудбал, но без некоја посериозна шанса за гол. Искусните Балдовалиев и Ивановски имаа можности за брзо израмнување на Беласица, но не ја погодија целта, додека на спротивната страна се закани Сашко Пандев со удар од дистанца.

Кон средината на првиот дел стрелецот на голот, Дориев имаше 100% шанса за убедливо водство на својот тим, но Вујанац навремено истрча и одлично интервенираше. Но само неколку минути подоцна српскиот голман остана без решение на ударот на Крствоски, кој рутински по земја го совлада и Академија Пандев поведе со сигурни 2-0.

Само што започна вториот дел Академија Пандев пропушти голема шанса да стави точка на мечот, откако расположениот Стоилов не реализира зицер, односно Вујанац повторно беше на висината на задачата и не дозволи нов примен гол. Разновидноста во играта на домаќините вроди со плод во 75. минута, кога младиот Миловановиќ со мајсторски лоб ги постави конечните 3-0.

Со оваа победа Академија Пандев се зацврсти на третата позиција на табелата во ПМФЛ, со 19 бода, пет помалку од лидерот Вардар, а три во однос на шампионот Шкендија, кој е второпласиран. Во следното коло избраниците на Тренчовски ги очекува гостување кај Шкупи, додека Беласица на свој терен ќе ја пречека Шкендија.

Извор:GOL.MK

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ