Вечерва Горан Пандев го игра 100-от официјален меч за МАКЕДОНИЈА!

март 21, 2019

На вечерашниот натпревар против Летонија (арена „Филип Втори“, 20.45 часот) во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020, капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев ќе го одигра јубилејниот, 100-ти натпревар во црвено-жолтиот дрес.

– Среќен сум поради јубилејот, се надевам дека ќе го прославиме со победа. Подготвени сме за овој меч, атмосферата во репрезентацијата е одлична, очекувам да го добиеме. Мислам дека оваа селекција има квалитет за високи дострели и заслужува да се најде на завршниот турнир на Европското првенство во 2020 година. Моја голема желба и сон е репрезентацијата на Македонија да се пласира на едно големо натпреварување – рече Пандев, на вчерашната средба со новинарите пред мечот со Летонија.

Дебито, официјално, на Пандев за Македонија беше на мечот против Турција (3-3) во квалификациите за Светското првенство (СП) 2002 во Јужна Кореја и во Јапонија, на 6 јуни 2001 година во Бурса. Пандев влезе во игра во второто полувреме. Неофицијално прв меч на Пандев во дресот на Македонија е дуелот против шпанската провинција Астурија (0-1) во Овиедо, на 23 декември 2000-та. Но тој меч не се смета, бидејќи е надвор од ингеренциите на ФИФА. Сметајќи го и тој меч 100-от натпревар на Пандев во дресот на Македонија го одигра есенва, на 16 ноември, во Вадуц, против Лихтенштајн (2-0) во Лигата на нациите (ЛН).

Станува збор за импресивна бројка натпревари, за една кариера за почит, што, за жал, досега не беше одбележана и со настап на Македонија на некој завршен турнир, на европско или на светско првенство. Првата шанса за пласман на ЕП 2020 за Македонија е преку квалификациите, во групата Г, во која се Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија (на ЕП ќе одат двете првопласирани). Втората шанса е преку ЛН, односно триумф на турнирот во март во 2020 година.

Да не беше доброволното повлекување од репрезентацијата пред неколку години Пандев, кој на 27 јули ќе наполни 36 години, сигурно ќе имаше многу повеќе од 100 меча. Пандев рече дека не жали за доброволната репрезентативна пауза, објаснувајќи го тоа со тогашната лоша клима во и околу репрезентацијата, што не сакал повеќе да ја трпи. За повторното враќање, како што вели, се решил по наговор од сегашниот селектор, Игор Ангеловски.

– Имам многу убави спомени од играњето за репрезентацијата, им благодарам на сите селектори со кои имав добра соработка, на колегите фудбалери. Секој од 99-те натпревари и 33-те постигнати гола се посебни на свој начин, но морам да издвојам два, тоа се натпреварите против Шпанија (2-3) и против Холандија (2-2) во Скопје, нив ќе ги паметам до крајот на животот – вели Пандев.

Пандев е во зрели играчки години во кои повеќето фудбалери размислуваат за крајот на активната кариера и за тоа што ќе прават потоа.

– При крај сум на кариерата, секако дека сум свесен за тоа. Но во моментов сум фокусиран само на обврските во Џенова и во репрезентацијата. Летово ми завршува договорот со Џенова, веќе имам понуда за продолжување на уште една сезона. Ќе видиме, треба да размислам, треба да се договорам и со семејството што и како натаму – вели Пандев.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ