Тотре и Емини ѝ пресудија на Беласица, шампионот рутински на „Младост“

ноември 1, 2018

Актуелниот шампион во ПМФЛ, Шкендија, продолжи со добрата форма и запиша нова гостинска победа. По триумфот кај лутиот ривал Вардар, избраниците на Ќатип Османи се радуваа во Струмица кај Беласица (0-2) и ја продолжија битката за врвот на табелата.
Лошата состојба на теренот на стадионот „Младост“ спречи убавина на денешната средба. Единствениот погодок во првиот дел беше дело на Изаир Емини, кој искористи едно грешно додавање на домашната одбрана и четврти пат оваа сезона се запиша во листата на стрелците. Искусниот фудбалер испрати навидум лесен удар по земја, кој го изненади голманот Вујанац и со помош на стативата заврши зад гол-линијата.

Струмичани како да имаа преголем респект за противничката екипа, па премногу грешеа и не покажаа игра за позитивен резултат во првото полувреме. Шкендија доминираше и ја одржуваше предноста со висок посед на топка и иако немаше конретни шанси за втор гол, позадоволна замина во соблекувалните по 45 минути игра.
Победникот беше решен на стартот од второто полувреме, кога Еннур Тотре вторпат го совлада Вујанац. Ибраими прими топка во срцето на противничкиот шеснаесетник и ја врати до својот соиграч, кој биеше од прва и повторно со помош на стативата ја зголеми предноста на тетовчани.

Дебаклот на домаќинот го потврди Вујанац, кој нервозно реагираше и со глава удри по Бејтулаи при еден дуел, па судијата Ставрев му додели заслужен црвен картон.

Во следното коло, Шкендија на домашен терен ќе игра против Шкупи, а Беласица ќе му гостува на Вардар.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: