СТРУМИЦА БЕЗ БЕЛАСИЦА Е КАКО СЛЕПА УЛИЦА – ДАЛИ МОЖЕБИ ТРЕБА ДА ВИ ДОЈДЕМЕ ПРЕД ЗГРАДА НА ОПШТИНАТА, СО НАВИВАЧИ ОД СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ?

август 31, 2023

Текст на навивач од Струмица:

СТРУМИЦА БЕЗ БЕЛАСИЦА
Е КАКО СЛЕПА УЛИЦА

Повеќе години, еден од најстарите и најславни спортски клубови во Македонија чемрее во Втората фудбалска лига. Но, успех е дури и тоа што воопшто се одржува на површината, практично без никаква поддршка од општината Струмица, која инаку има еден од најсилните буџети во државата. Фудбалскиот клуб Беласица минатата година прослави 100 години постоење, во услови на тешко самоодржување, и сепак успева да ги одржи сите младински школи, практично исклучиво со струмички деца, на кои фудбалот и Беласица им се во крвта, пренесени од нивните татковци, кои пораснаа со тоа име. Клубот ја одржува инфраструктурата и симпатичниот и среден стадион, на кој игра и репрезентацијата на Македонија.

Но, толку се силите. Фактот дека Беласица долги години е во втората лига е срам за градот и посебно за градските власти, кои постојано нешто кажуваат дека ќе го решат проблемот, но никако да го направат тоа. Зошто? Дали затоа што спортот го гледаат единствено низ призмата на политикантски интереси, па се расфрлаат со нашите пари наваму и натаму, на бесмислени и сомнителни проекти, практично непостоечки здруженија и „невладини“, подобни поединци и слично, со што практично си купуваат гласачи, а за славната Беласица издвоиле бедни 20, 000 евра, колку да не може да им се каже дека баш ништо не дале. Па, баш ништо не дале, да не се лажеме. Дваесет илјади евра за клуб кој има потенцијали и човечки ресурси да биде во врвот на македонскиот фудбал се како пари за грицкање семки на гледачите. Нула.

Повеќето од легендарните македонски клубови, односно нивните општини, го решија проблемот со финансирањето, па на пример Брегалница од Штип од градот добива 300, 000 евра. И се врати таму каде што припаѓа. Пелистер добива 400, 000 евра, дами и господа. Нема клуб од наш ранг на препизнатлив бренд и историја кој не добива слични суми.

Па, до кога мислите вака, градски татковци и тутори? Дали тоа што некој можеби не ви е според партискиот тертип, треба да значи дека Беласица треба да биде уништена? Дали тој некој можеби и навистина сака Беласица целосно да пропадне, па си има некакви други планови. Издигнете се еднаш кон вистинскиот интерес на сите граѓани и прифатете дека спортот мора да биде натполитички, независен субјект и фактор за општа добробит. ФК Беласица е една од последните градски традиции на овој град, 101 година постоење, еј! Многу малку клубови во регионот го имаат тоа. Тоа е општествена вредност и култура. Многу малку нешта останаа препознатливи и автентични во градот, а во мигот кога не дај Боже Беласица ќе згасне целосно, „Струмица на улица“ ќе остане само една Слепа Улица, без деца, без име, без идентитет. Идентитетот и традицијата не ги правите вие што седите во советничките и градоначалнички фотелји, туку препознатливите универзални вредности, кои опстојуваат низ времето и низ генерациите, во заедничката меморија на нашето историско постоење.

Значи, повторно: Зошто така? Зошто годинава, кога клубот Беласица има реорганизација и амбиција за враќање во Првата фудбалска лига, да не биде поткрепен од својата општина, со средства кои за нејзиниот буџет се „ништо“, а со кои ќе се постигне многу?

Клубот кој даде едни од најголемите фудбалски имиња во Македонија, денес игра пред празни трибини. Депресивно, жално и срамно! Фудбалерите без публика се наоѓаат пред бесмисла, но и покрај тоа играат и веруваат во подобри времиња. Нема публика, нема интерес, бидејќи на сите нас што пораснавме со Беласица ни е доста од тоа да ја гледаме нашата голема љубов во Втората лига. Се срамуваме, но очигледно дека треба да се срамуваме од вас, кои имате можност лесно да го решите проблемот, а не го правите тоа. Немате никакво оправдување. Се прашуваме, дали можеби треба да ви дојдеме пред зградата на општината, со навивачи од сите генерации, што значи со многу народ, па да ве потсетиме дека треба да си ја извршите должноста заради која сте избрани: меѓу другото, да ги обезбедите и продолжите традицијата и спортскиот идентитетот на градот, преку поддршка на еден од главните носители на таа традиција – ФК Беласица Струмица.

Без традиција, сите сме никој и ништо. А Струмица без ФК Беласица не е вистинска Струмица, туку малограѓанска паланка.

(Навивач)

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ