СТРУМИЧКИ ЛОКАЛИ ПОЛНИ ВЕЧЕРВА: Баерн со ОСУМ ГОЛА ја понижи Барселона за полуфинале во ЛШ!

август 14, 2020

Никој не очекуваше толку убедливо издание на Баерн Минхен во дуелот со Барселона (2-8) во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Германскиот првак покажа моќ и убедливо се пласира во ново полуфинале во елитното клупско натпреварување.

Фановите имаа можност да гледаат убав и ефикасен натпревар на „Да Луж“ во Лисабон. Веќе во четвртата минута Томас Милер погоди за почетна предност на Баварците. Но, радоста на Ханс Флик и неговите избраници траеше кратко. За тоа виновен беше Давид Алаба кој си постигна ефектен автогол и израмни на 1-1.

Победникот беше одлучен уште во првиот дел, кога баварската екипа одигра пеколни девет минути, постигнувајќи три гола. Перишиќ ја врати позитивата, а на голеадата се надоврзаа Гнабри и Милер по вторпат, кои ја искористија очајната вечер на каталонската одбрана.

Антоан Гризман влезе во игра на стартот од вториот дел, што значеше уште поофанзивен пристап на Каталонците. Тоа вроди со плод кога Луис Суарез намали на 2-4 во 57. минута. Но, како и на секоја успешна акција на противникот, Баерн одговори многу брзо и ефективно. Овојпат Алфонсо Дејвис со одличен продор дојде во позиција да асистира до Џошуа Кимих, кој од непосредна близина се запиша во листата на стрелци.

Дека е безмилосен, тимот од Минхен покажа во завршницата кога го дотолчи ривалот. Роберт Левандовски не можеше да мине без погодок, па до истиот стигна на осум минути до крајот, а конечните 2-8 ги постави Филипе Кутоњо, поранешниот играч на Барса со два гола.

Меч за заборав имаше Лионел Меси кој освен стативата во првиот дел не направи ништо за да го загрози голот на Мануел Нојер. Аргентинецот погреши при седмиот гол на Германците и само се надоврза на мизерната ноќ на неговите соиграчи. Победникот од дуелот Манчестер Сити и Лион ќе го дадат последниот полуфиналист во Лисабон.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ