СТРУМИЧАНЕЦОТ ВАСКО АТАНАСОВ И МЗТ СКОПЈЕ ГО ОСВОИЈА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА!

мај 17, 2021

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром го освои трофејот во Македонскиот кошаркарски куп, откако триумфираше синоќа во СРЦ „Кале“ над градскиот ривал Работнички со 77:69.

МЗТ Скопје фуриозно го започна 28. финале во кошаркарскиот Куп, кој од годинава го носи името „Благоја Георгиевски – Буштур“, и откако ја реши во своја корист првата четвртина со 23:12 замина полувреме со предност од плус девет поени (37:28).

Работнички на стартот на последната четвртина стигна на минус четири (51:55) и го донесе финалето во неизвесна завршница, но, на крајот немаше сили за целосен резултатски пресврт.

Струмичанецот Васко Атанасов кој е и тренер на МЗТ СКОПЈЕ за Струмица Денес изјави дека е пресреќен што неговата екипа во еден ваков исклучително тежок натпревар на крајот успеа да слави.

„Беше тешко уште од самиот старт. Имавме и падови во играта, но како велат постарите, крајот го краси делото. Пресреќен сум шо успеавме во зацртаната цел“.

За МЗТ Скопје Аеродром ова е десетти трофеј во 14. Куп финале со што се израмни по бројот на пехари со вечниот ривал Работнички, кој загуби во своето 16. финале.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ