СТРУМИЦА НА ТРОНОТ: Oсма Куп-титула за Џио Струмица!

март 28, 2021

Екипата на Џио Струмица ја одбрани титулата во Купот на Македонија со денешната победа над Универзитет од Тетово во големото финале (18-25, 25-21, 25-20, 25-16).

Тетовчани поведоа и тоа на убедлив начин, но тоа како да донесе екстра мотивација кај противникот. Се чинеше дека ќе гледаме голема борба до крајот, но бранителот на трофејот направи пресврт во кој не се помачи за да освои три сета во низа.

Одличен за тимот од Струмица беше Урдов кој беше еден од најзаслужните за доброто издание на својата екипа. Своја вечер имаше и репрезентативецот Николов кој запиша доста клучни блокови во одбрана.

Универзитет од Тетово парираше само на почетокот, а потоа како да се откажа и се помири со конечниот резултат. Џио Струмица одигра најубедливо во четвртиот сет кога постојано беше во позитива од 7-8 поени. Залихата искусно ја одбрани и ја потврди победата над големиот ривал.

За струмичката екипа ова е осма Куп-титула во својата историја. Оваа сезона ќе има можност да слави и во домашното првенство и да освои нова двојна круна.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: