Струмица испаѓа, но му го одложи опстанокот на Шкупи

април 26, 2018

„Фенерџијата“ идната сезона ќе игра во Втора лига, но чесно ќе ја заврши оваа. Иако нема никакви шанси да се спаси, на домашен терен го совлада Шкупи со 83:80 за своја четврта победа.

Се чинеше дека Струмица ќе оствари убедлив триумф по одличниот почеток на натпреварот. Поведе со 23:8, првата четвртина ја заврши со 27:14 и во најголемиот дел од натпреварот беше во предност.
 Шкупи не се предаде, намали на само три разлика во вториот период, но ниеднаш не успеа да дојде во водство. Струмица во натамошниот дел од мечот повторно направи убедлива предност, но вистинска драма се случуваше во последниот период.

Гостите дојдоа многу блиску, во три наврати израмнија (69:69, 72:72 и 80:80), но не го направија последниот чекор. На десет секунди пред крајот Мрковиќ постигна кош со прекршок над Рид и стави точка на натпреварот.

Тој и Гетис со по 17 поени беа најефикасни во тимот на Струмица.

Рид постигна 25 поени за Шкупи кој во следното коло гостува кај Фени Индустри во надеж дека може да дојде до триумф за конечен опстанок.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ