СПОРТ1: Фудбалерот Никола Секулов се откажа и нема да игра за Македонија!

март 23, 2019

Еден од најголемите македонски таленти, Никола Секулов, фудбалерот на младинскиот тим до 17 години на Јувентус и написмено се откажа од Македонија, откако во минатата година реши да игра за младата селекција на Италија и веќе одигра неколку пријателски мечеви за „аѕурините“.

Секулов, кој е роден во Пјаченца, но потекнува од Струмица, сега добил дозвола од Светската фудбалска федерација (ФИФА) да може нормално да игра за младинската селекција на Италија, иако пред две години тој беше дел од младата селекција до 17 години на Македонија и ги играше првите квалификации во кои црвено-жолтите обезбедија елитна рунда во Полска. Но, тој потоа не настапи на овој турнир, а во септември лани и официјално објави дека избрал да игра за Италија.

ФИФА пред два дена (21 март) ја известила италијанската федерација со писмо дека Секулов може да го носи дресот на „аѕурите“, откако потпишал документ со кој истакнал дека сака да игра за Италија, земјата во која е роден. Процедурата за промена на „фудбалското државјанство“, ја побарало неговото семејство со барање до италијанската федерација (ФИГЦ) преку адвокатска канцеларија на Чезаре ди Синтио.

Барањето до ФИГЦ е за да се почне процедурата за промената на федерацијата, зашто Секулов беше регистриран во ФФМ, а сега преминува во ФИГЦ.

По почнатата процедура на италијанската федерација, таа позитивно заврши со добиеното одобрение од ФИФА, па така Секулов сега непречено ќе може да игра на официјални мечеви во младите категории за Италија, а со тоа практично дефинитивно се откажа од Македонија.

Младиот фудбалер е голем талент, кој веќе тренираше и со првиот тим на Јувентус, а сезонава уште повеќе напредува и во Торино го гледаат како наследник на Клаудио Маркизио.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ