Револт во Брегалница: „Децата плачеа…, не ни дозволија да победиме во Струмица!“

мај 20, 2018

Штипска Брегалница не успеа да се избори за бараж за влез во Првата лига, откако одигра само нерешено на гостувањето против Беласица во Струмица, па Борец Велес со триумфот од 1-3 против Саса на крај стигна до второто место во Втората лига – Исток.

Но, од таборот на Брегалница комплетниот револт кон судиите и одредени режисери во мак-фудбалот кои не им дозволиле во Струмица да стигнат до триумф…

„Влегов на полувремето во соблекувалната сите фудбалери плачеа, не можев да ги смирам. Им реков дека само вака нека продолжат и ќе победиме, иако бев свесен дека со вакви судии не се може ништо. Да постигневме и три гола, судиите пак ќе не победеа. И по средбата нашите фудбалери не можеа да се смират, плачеа. Каде е етиката на судиите, ама тие немаат ни екипа ни морал. Зарем дотаму дојдовме судиите да бидат главни, тие да решаваат за исходите на средбите. Зарем треба да го напуштат теренот со помош на полицијата, ако суделе чесно? Во оваа „игра“ која не е наивна, а се оштетува еден фудбалски центар во Македонија, има и други режисери. Не треба да молчеме, на виделина ќе изнесеме се. Судиите и нивните наредбодатели не можат да не бидат казнети за ова зло што го нанесоа на фудбалски Штип. Ова е срам за фудбалот во Македонија. Како може некој вака да си поигрува со деца од 18 и 19 години? Тоа е неморално, а тоа го правеа Темелков и неговите асистенти и режисери. Ние имаме најмлада екипа, пролеттва не сме поразени, тоа им сметаше на режисерите, кои секоја година на ваков начин ги режираат првенствата. Затоа во Македонија нема фудбал, го допревме дното. Нашите млади фудбалери докажаа дека се најдобри во лигата, иако просекот е само 22 години, се бореа фанатично, за боите на клубот и градот. Само заради тоа ми е жал што не успееја. Не можеа да играат и против судиите и режисерите во ФФМ. Ова е жално и трагично за македонскиот фудбал, кој го допре дното. Браво момчиња за прикажаната извонредна игра. Цела фудбалска Македонија виде што се случуваше во Струмица!.. Сите сме горди на вас. Им упатувам и јавна благодарност на нашите фанови, кои достоинствено, но со тешко срце ги прифатија неправдите кон нашиот клуб и цело време ја поддржуваа Брегалница“ – изјави револтирано по вчерашниот натпревар спортскиот директор на Брегалница, Елмир Мандак.

Очекувано незадоволен е и шефот на стручниот штаб Емил Грнев кој по мечот кратко изјави:

„Може само да им честитам на моите фудбалери на кои навистина сум горд. Тие го дадоа максимумот, но не ни дозволија да победиме во Струмица. Брегалница ќе продолжи силно да чекори понатаму“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ