„Раштиманиот“ Силекс е новата пречка на разиграната Беласица

октомври 6, 2018

Попладнево, стадионот „Младост“ повторно ќе биде збирно место на струмичани, кои ќе имаат задача да им дадат поддршка на фудбалерите на Беласица во прволигашкиот натпревар против тимот на Силекс.

Новиот член на ПМФЛ по лошиот старт и трите порази во низа, веќе пет меча не знае за неуспех, на гости кај Ренова ја запиша првата овосезонака победа, а добрата игра ја преслика и на натпреварите против Шкупи и Работнички, на кои се избори за нови четири бода на своето конто (1-0, 1-1). Сега, пред струмичките фудбалери претстои вистински предизвик и дуел против конкурентот за останување во лигата, секогаш незгодниот Силекс, кој оваа сезона не може да се пофали со добри игри и позитивни резултати.

Силекс, која ова лето доведе голем број на засилувања, во нов лик, со нов систем, нова формација и нов пристап на играта ќе го започне мечот на „Младост“. Причината – оставката на Жикица Тасевски, и назначувањето на Момчило Митевски за негов наследник на тренерското столче. Легендарниот Митевски со децении е во Силекс и неколку пати се јавувал во улога на шеф на стручниот штаб, а често тоа го правел и среде сезона. Овој пат пред него е голем предизвик и обид да го извлече својот Силекс од кризата.

Последни меѓусебни натпревари:

22.08.12 Беласица – Силекс 1-3
29.10.08 Беласица – Силекс 0-0
22.10.08 Силекс – Беласица 2-0
08.06.08 Силекс – Беласица 2-0
03.05.06 Беласица – Силекс 4-6

Дуелот во Струмица е закажан за денес од 15:00 часот, а старт ќе означи искусниот арбитар Дејан Јакимовски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ