Работнички го освои „Младост“, Беласица испадна од првата лига!

мај 19, 2019

Во рамките на 35. коло од ПМФЛ, на стадионот „Младост“ фудбалерите на Беласица, во последниот натпревар на домашен терен оваа сезона, загубија од Работнички со 0-1 (0-1). По денешната победа „романтичарите“ се искачија на четвртото место, а Беласица патува во Втората лига.

Од самиот старт на натпреварот, со оглед на важноста на бодовите особено за домаќините, се играше отворено. Првата поголема шанса ја имаа „романтичарите“, но обидот на Чинеду Чарлс домашниот голман од непосредна близина одлично го одбрани. Во 12. минута Петровски ја „измеша“ домашната одбрана, но биеше млако и Вујанац исфрли во нов корнер.

Домаќините првата посериозна прилика ја имаа во 27. минута, но Мирчевски од непосредна близина со глава биеше само во гостинскиот голман. Истиот фудбалер неколку минути подоцна повторно пропушти голема шанса за домашно водство. На спротивната страна повторно се закани Чинеду, а во 38. минута Кристијан Ацковски одлично налета на една топка во шеснаесетникот и го матира Вујанац (0-1).

Домаќините имаа теренска иницијатива, а во 58. минута по центаршутот на Вујанац, Мирчевски биеше само во стативата. „Кенгурите“ не успеваа да креираат некоја посериозна шанса пред гостинскиот голман.

Во 79. минута „сино-белите“ се заканија од слободен удар, но обидот на Балдовалиев од одбранбените играчи заврши во корнер. Последните десет минути минаа како и скоро цело второ полувреме, со јалова иницијатива на струмичани, но без поголема шанса за погодок, па гостите од Скопје на крајот го однесоа целиот плен.

Во последното коло Беласица ќе гостува кај Силекс во Кратово, додека тимот на Работнички ќе го пречека Шкупи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ