„Пандевци“ не знаат за триумф и по 12 меча!

април 8, 2018

Фудбалерите на Академија Пандев и Вардар ремизираа на стадионот „Кукуш“ во Турново, играјќи 1-1 (0-0). За тимот од Струмица продолжува серијата без победа, која сега изнесува цели 12 меча, а Вардар по киксот на Силекс сега има осум бода предност пред кратовчани и заостанување од цели осумнаесет бода во однос на лидерот Шкендија.

Двата тима тргнаа изедначено во мечот на влажниот терен во Турново, а првата шанса ја имаше Вардар преку Битанг, кој шутираше, но биеше високо над голот. На спротивната страна се закани Балдовалиев, но шутот заврши над пречката, а во наредната акција Блажевски нафрли од десната страна, а обидот на Новак профуче крај дирекот.

Најдобрата шанса за прв гол на мечот пристигна во 22. минута, кога најпрво се закани Блажевски, но Вујанац одбрани, а топката се одби до Попзлатанов, кој од пет метри повторно шутираше во чуварот на мрежата на „пандевци“ и Вардар изнуди корнер. Алексовски, пак, првпат имаше работа во 26. минута, кога Вареловски го проигра Балдовалиев, кој шутираше од прва, но вардаровиот голман беше на висината на задачата. Последната шанса во првиот дел ја имаа домашните фудбалери, кога Атанасов од слободен удар од околу 20-тина метри биеше неколку сантиметри покрај голот.

Вториот дел започна со измена во редовите на струмичани – Грифони влезе на местото на Стоилов. Во 50. минута по еден центаршут од слободен удар, топката стигна до Димов, кој биеше со глава, Гачевски несигурно реагираше, а Чешмиџиев ја дотурна топката во голот (1-0).

Радоста на домашните не траеше долго, затоа што само три минути подоцна, Битанг го пронајде Максим Максимов во шеснаесетникот, а рускиот напаѓач со глава погоди за 1-1.

По израмнувањето на резултатот повторно следеа минути на доминација на избраниците на Јаневски, но без завршница. Како одминуваше натпреварот и двете екипи се задоволуваа со по еден освоен бод, главно играта се одвиваше на средината на теренот без некоја поголема шанса и пред двата голмани, па и крајниот резултат според прикажаното е сосема реален.

Во наредното коло Академија Пандев игра на гостински терен против Силекс, а Вардар го пречекува Шкупи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: