Пандев: Би сакал да ја заокружам кариерата со пласман на ЕП со Македонија!

февруари 23, 2019

Еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата Горан Пандев се отвори за италијанските медиуми и зборуваше за начинот на кој што сака да ја заврши играчката кариера.

Ветеранот кој настапува во екипата на Џенова вели дека посакува да игра уште една сезона, а голема желба му е да обезбеди пласман на Европското првенство со репрезентацијата на Македонија.

„Не ми е лесно да влегувам во игра од клупата за резерви и да играм мала минутажа, особено не поради мојата возраст. Би сакал да продолжам да играм уште една година и потоа ќе заминам во пензија. Сакам да ја заокружам кариерата со пласман на Европското првенство со Македонија.

Самиот ќе знам кога ми е доста од играње фудбал. Во мене уште имам мотивација за победа, секогаш сакам да се надигрувам, иако екипата го нема најголемиот квалитет во Италија“ , вели 35-годишникот од Струмица.

Цели 17 години, македонскиот репрезентативец заработува за леб во Италија. Неговата авантура на Апенините започна во 2001 година кога се пресели во Интер. Потоа продолжи на позајмица во екипите на Специа и Анкона, а следуваше трансфер во Лацио.

Од Рим повторно се врати во Милано и ја освои историската тројна круна заедно со Жозе Мурињо, за потоа три години да го носи дресот на Наполи. Последната екипа од италијанското првенство му е Џенова, каде настапува од 2015 година.

Македонската фудбалска селекција е многу блиску до пласман на едно големо натпреварување. Во 2020 година ќе го игра плеј-оф натпреварот од Лигата на нации на домашен терен против Косово, од кој во голема мера ќе зависи остварувањето на желбата на нашиот капитен.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ