Падна Грција во Струмица – Македонија го совлада јужниот сосед!

јуни 16, 2019

Македонската ракометна репрезентација ја оствари целта, ја совлада Грција во Струмица со 27-23 (13-11) и го освои првото место во групата 3 од квалификациите за Европското првенство 2020 година. Успехот е извојуван со само еден пораз, со сменет селектор среде квалификации и на завршниот натпревар без повредените Стоилов и Кукоски.

Носени од одличниот Буковинас, Грците почнаа подобро и поведоа со 1-3, па и со 2-4 по седум минути игра. Кузмановски најдобро почна во нападот од нашиот национален тим, а капитенот Лазаров намали на 3-4 со дијагонала во осмата минута.

Немавме течна игра во нападот, па по исклучувањето на Пападионизу, голови постигнаа Пешевски и Лазаров за 6-8 на половина полувреме. Брестовац го внесе Митревски на местото на Ристовски, нашата игра стан поконзистентна и Талески и Маџовски реализираа за 8-9 во 20. минута. Долгата потрага по Грците донесе израмнување со голот на Пешевски од линијата (9-9).

Митревски делуваше фокусирано, а Никола Маркоски од контра напад го донесе нашето прво водство (11-10). Со двата гола на Пешевски првиот дел го завршивме во наша полза со 13-11.

Играта одбрана ни понуди лесни голови на Танкоски и Георгиевски за +4 на почетокот од второто полувреме. Лазаров реализира два седмерци, нашата игра доби на течност и на средина од второто полувреме резултатот гласеше 19-17.

Иако далеку од своето најдобро издание, нашата репрезентација, водена од Митревски меѓу стативите, првпат дојде до +5 по реализацијата на Маџовски во 49. минута (22-17). Брестовац со тајм-аут ја пресече грчката серија и без треперење го добивме натпреварот со 27-23.

Најефикасни во македонската репрезентација беа капитенот Лазаров, Талески и Пешевски со по пет гола, а блескаше Никола Митревски на голот, како и секогаш кога добива шанса. Кај Грција се истакнаа Цирас со пет гола и одличниот Буковинассо 14 одбрани меѓу стативите. Со само еден пораз, Македонија го освои првото место во групата и петти пат по ред обезбеди континентален собир.

Своите противници за континенталниот собир во јануари 2020 година ќе ги дознае на 27 јуни.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: