Капитенот на Грција порача: Дојдовме да победиме во Струмица!

јуни 16, 2019

Македонија и Грција во Струмица по вторпат и за крај на овие квалификации за ЕП 2020 година ќе ги одмерат силите. Нашите момци веќе се пласирани на континенталното натпреварување по онаа драматична победа во Ескешехир против Турција, победа на овој дуел има две значења. Печат на првото место во групата и секако одмазда за оној пораз во Кожани за кој долго време се се зборува.

Грција нема да се откаже. Нов триумф токму над Македонија значи освојување на третото место во групата, кое исто така носи виза за ЕП, ќе влезе во кругот на најдобро третопласирани репрезентации, па во зависност од резултатите на конкуренцијата во другите групи ќе има реална шанса.

Противникот во минатото коло уште еднаш покажа дека е незгоден, во последната минута испушти триумф над Исланд, на крајот мораше да биде задоволен и со реми, кое го стави во позиција и натаму да сонува.

Капитенот Харис Малиос се враќа во редовите на својот тим пред најважниот дуел. Во Кожани видовме дека станува збор за квалитетен ракометар, па нашата одбрана ќе има тешка задача, ако се земат оние девет погодоци против Македонија на првата средба.

Малиос верува дека неговите момци можат да дојдат до двата бода, потенцира дека местото на ЕП ќе биде повеќе од заслужено.

„Ние сме на вистинскиот пат да направиме голем чекор напред, особено во оваа последна година. Да не заборавиме во овие квалификации имавме само еден или два послаби меча. Тимот е подготвен, не сме под притисок, но сме многу мотивирани, еден меч не дели од пласман на големо натпреварување. Дојдовме да победиме, како репрезентација заслужуваме да ги минеме квалификациите, постојано покажуваме дека имаме сили и квалитет. Верувам дека ќе успееме“, порача капитенот на Грција.

Дуелот мешу Македонија и Грција е закажан со почеток во 18 часот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: