Кирил Панов, момчето од Струмица кој незнае што е неуспех и незнае за доста! Кирил неодамна од Шпанија се пресели во САД во еднаод најдобрите кошаркарски академии таму. По тој повод, погледнете го интервјуто на Струмица Денес со Панов.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кирил, неодамна ја напушти Шпанија и се пресели во САД…Во кој клуб се наоѓаш сега и дали предизвикот е многу поголем?
КИРИЛ ПАНОВ: Точно така , после 5 години во Шпанија се одлучив за промена и за нов предизвик во Америка. Се наоѓам во една од најдобрите кошаркарски академии овде , Kennedy Elite Basketball Academy ( KEBA PREP ) во градот Синсинати , Охајо. Амбиентот е прекрасен , почнувајќи од градот , луѓето и исто така соиграчите и тренерите ме прифатија одлично и се е на топ ниво. Искрено предизвикот е многу голем, кошарката е многу различна во Америка за разлика од Шпанија и поминувам низ еден процес на адаптација кој што верувам сите кој што дошле овде го поминале.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Која е разликата помеѓу кошарката во САД и Шпанија?
КИРИЛ ПАНОВ: Кошарката овде е како религија , заедно со американскиот фудбал се најважните спортови овде и луѓето буквално дишат и живеат кошарка. Разликата е голема , тука се игра многу по брзо , играчите се многу атлетски спремни , силни и тоа се пренесува на целокупниот спорт. Се трча многу повеќе , и акцентот е ставен на 1на1 напад и индивидуална техника.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Освен тренинзите и натпреварите, што Кирил прави во слободно време?
КИРИЛ ПАНОВ: Правам многу малку , затоа што буквално немам слободно време. Тренираме многу и посветуваме многу часови на видео анализи и скаут така да тоа што ми останува го користам за добра исхрана , читање книга ,учење и социјалните мрежи како и секој млад човек. Кога имаме празници овде во Америка и слободен ден , ги користам за прошетка низ градот, шопинг и дружење со една прекрасна македонска фамилија која што ја запознав кога дојдов тука.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што е она што секојдневно те мотивира?
КИРИЛ ПАНОВ: Секој ден се будам со помислата како да бидам се подобар и што треба да направам денес за да бидам подобар утре. Секојдневната мотивација е од огромно значење , желбата за секојдневното лично надоградување е нешто кон што секој спортист треба да се стреми и поставувањето на цели е од фундаментално значење. Јас имам поставено мои цели и со малку среќа ќе ги остварам.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Според тебе, што недостасува во македонската кошарка?
КИРИЛ ПАНОВ: Искрено според мене , многу работи ни недостасуваат , но најпрво спортска култура која што ја немаме. Инвестиции во спортот но и зачувување и одржување на тоа што се гради и што веќе го имаме. Подршката од сите граѓани во нашата држава ќе помогне нивото на спортот да се зголеми. На спортски план , нас како нација ни фали висина. Ние имаме многу таленти но, можеме само да ги погледнеме нашите соседи Срби и Црногорци. Тие се многу висок народ и во кошарката тоа е многу важно и имаат голема предност.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Каде се гледаш во иднина?
КИРИЛ ПАНОВ:Во блиска иднина се гледам во најдобрата колеџ лига NCAA Division 1 и тоа ми е цел за периодот што следува. Се надевам до следното интервју тоа ќе биде остварено 🙂