(ГРАНДЕЕЕ ПАНДЕВ) Официјална потврда: Пандев е лидер на Џенова и надвор од теренот, затоа продолжуваме заедно!

јуни 20, 2019

Горан Пандев, како што е познато, потпиша договор за соработка за уште една година со италијанската Џенова до јуни 2020 година. Сето тоа, без сомнение, на задоволство и на двете страни.

Вчерашните најави за продолжување на меѓусебната соработка денеска и официјално потврдени од агентот на македонскиот фудбалер, Леонардо Корзи, кој вели дека новиот едногодишен договор е на задоволство на двете страни.

„Да, Горан останува во Џенова уште една година. Остави извонреден впечаток изминативе години и тоа не остана незабележано, па на задоволство на двете страни продолжена е соработката“ – вели Корзи во изјава за „Тутомеркато“, притоа дополнувајќи:

„Во Џенова, Пандев го гледаат како лидер и надвор од теренот, и секако е миленик на навивачите. За него Џенова сега е втор дом, сега и како Италијанец со оглед на тоа што од неодамна доби и државјанство. Горан во моментов е во Струмица каде тренира со тимот на кој е сопственик, Академија Пандев а кој се избори и за учество во Лигата на Европа. Тоа е огромна сатисфакција за него“.

За 35-годишниот Пандев следната сезона ќе биде 18-та година во италијанскиот фудбал откако во 2001 година потпиша за Интер од Беласица. Притоа со само една сезона мината во турски Галатасарај.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: