Џио Струмица со стил го испрати Михаилов: Капитен каков што секој клуб може да посака!

јуни 30, 2019

Македонскиот репрезентативец Васе Михаилов го официјализираше својот трансфер од редовите на двократниот бранител на титулата Џио Струмица во скопски Вардар, а неговото заминување нашиот одбојкарски шампион го одбележа со стил.

Струмица покажа дека е голема и дека знае да ги цени своите одбојкари, а преку својот официјален Фејсбук профил, му се заблагодари на Михаилов за се што сторил за клубот и го именуваше како „капитен каков што секој клуб може да посака“.

„Нашиот капитен од денеска веќе не е член на нашиот тим. Од следната сезона ќе го носи дресот на нашиот најголем ривал Вардар од Скопје.

Му благодариме за сите убави моменти и радости кои ни ги донесе во минатата деценија, за пет од седумте двојни круни, за многуте медаљи, награди и признанија. Беше најголемото лице на нашиот клуб. Беше лидер, водич и капитен и во најдобрите и најтешките моменти. Капитен како што секој клуб може да посака. Му посакуваме среќа и успех во новата средина“, напиша Џио Струмица на официјалниот профил.

Михаилов целата своја кариера ја има минато во Џио Струмица, со исклучок на една полусезона во Вардар и една полусезона во албанското првенство. Тој со Вардар потпиша договор на две години.

ИЗВОР:СПОРТМЕДИА

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ