ЏИО ОСТАНА БЕЗ КАПИТЕН: ВАСЕ МИХАИЛОВ Е НОВ ИГРАЧ НА ВАРДАР

Македонскиот репрезентативец Васе Михаилов е новото големо засилување за Вардар. Актуелниот носител на двојната круна Џио Струмица останува без капитенот и без еден од главните играчи во тимот, кој одлучи да се обврзе на двегодишна соработка со вардарци.

Михаилов, кој скоро цела своја кариера ја има минато во редовите на струмичкиот тим, со исклучок на едно полусезона во Албанија и една во Вардар, се одлучи на смел потег, да се пресели во Скопје, одново да го облече „црвено-црниот“ дрес и да прифати нов предизвик.

„Целиот живот сум играч на Струмица и почувствував желба и потреба за промена и за нов предизвик. Се пронајдов во проектот и идејата која ја има Вардар, мислам дека со моето искуство можам да и помогнам на екипата. Разговарав со претседателот на Џио Струмица, имаше разбирање и моето заминување од матичниот клуб е пријателско, и ми е дадено до знаење дека во Струмица секогаш ќе има место за мене. Тоа е тим кој неизмерно го сакам и почитувам, но мислам дека е време за промена и затоа се одлучив да заминам.

Имам поддршка и од фамилијата и девојката, кои се најважни за мене, и свесен сум дека ќе има и позитивни и негативни коментари. Сепак настапот во Челинџ купот, како и МЕВЗА, амбициите на тимот… мислам дека е средина во која можам да се пронајдам и да помогнам во реализација на клупските цели“, изјави за СПОРТМЕДИА, Васе Михаилов.

Михаилов е второто засилување за Вардар во новата сезона, по српскиот интернационалец Лазар Мочиќ, но пред да мисли на клупските обврски, Васе ќе се посвети на репрезентацијата, односно премиерниот настап на Македонија на Европското првенство во септември.

Автор:

Датум:

јуни 28, 2019

Категории:

Спорт