strumica denes logo

БРЕРА НА ГОРАН ПАНДЕВ „ГАЗИ“ СЕ’ ПРЕД СЕБЕ, НАД ТИКВЕШ ЈА ВПИША ЧЕТВРТАТА ПОБЕДА!

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Категории:

Спорт, Струмица

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Категории:

Спорт, Струмица

Екипата на Академија Пандев Брера Струмица одново ги освои симпатиите на неутралните македонски фудбалски фанови. Клубот на нашата легенда Горан Пандев, продолжува да „гази“ сè пред себе во новата сезона во ПМФЛ и попладнево над Тиквеш ја впиша четвртата победа од исто толку натпревари (2-0). Херој на струмичани беше последното засилување, Христијан Малески, кој имаше деби од соништата, постигнувајќи го водечкиот погодок на натпреварот, а учествуваше и во акцијата за вториот гол.

Валенти се одлучи за 4-3-1-2 и Донов и Рибаудо од првата минута, за сметка на Велиновски и Ѓорѓиевски. Офанзивно започна и Ѓорѓи Мојсов, кој во неделата го загуби Чубара и му даде шанса на капитенот Вареловски како централен дефанзивец, покрај Даниел Мојсов.

Кавадарчани почнаа со висок пресинг на последната линија на Брера и долго успеваа да ги принудат на грешка противниците. Сепак, првите шанси ги имаше Брера. Димовски со двојна одбрана по ударите на Ване Крстевски и Илија Донов се истакна во 15. минута. Со две закани возврато Иван Ивановски, го младиот Марко Алчевски исфрли во корнер. Со индивидуална акција се наметна и Рибаудо, но неговиот удар заврши крај дирекот,

Ѓорѓи Мојсов беше принуден да менува по половина час, откако својот најактивен напаѓач, Ивановски, мораше заради повреда да го замени со Марио Станковски. Тиквеш го заврши првиот дел во налет и Гал Кураж во судиското надополнување имаше колосална шанса со глава, но од непосредна близина биеше крај дирекот.

Стартот на вториот дел мина во знакот на домашните фудбалери. Брера тргна офанзивно и малку фалеше тоа да резултира со прекрасен погодок на нововлeзениот Малески. 21-годишниот офанзивец се најде во одлична позиција да го совлада Димовски, но немаше среќа, затоа што неговиот удар заврши во пречката.

Во 70. минута Димовски повторно беше ставен на маки, по неочекуваниот удар на Рибаудо од „мртов агол“. Веќе во следната акција Малески на натскока гостинската одбрана и, по корнерот на Врдољак, со глава го постигна својот деби гол за новиот клуб (1-0).

Следеа две закани на Ибиши и по една мешаница на Михаилов и Гасама, како реакција на гостите од Кавадарци. Брера искусно го чуваше резултатот, а во последната минута од судиското надополнување кога се очекуваше крај на натпреварот, ја потврди победата. Малевски центрираше од левата страна, ударот на Галевски од пет метри го одбрани Димовски, но натрча Мартин Ѓорѓиевски и од непосредна близинс погоди за 2-0.

Во пресрет на следното коло викендов, Брера е лидер на табелата со максимални 12 бода, додека Тиквеш останува трет со шест бода.