Брегалница: ФФМ предвреме го скрои и режира мечот со Беласица

мај 22, 2018

„Во спортот не е трагично да се загуби, но во една коректна и фер борба…“. Со оваа реченица започнува соопштението на фудбалскиот клуб на Брегалница во врска со саботниот натпревар на штипскиот тим против Беласица.

Според раководството на Брегалница, тимот е драстично оштетен во последниот натпревар од ВМФЛ-Исток во Струмица, на кој одигра само 1-1 и не успеа да обезбеди бараж за пласман во ПМФЛ.

Во продолжение прочитајте го целосното соопштение на клубот од Штип:

„Во спортот не е трагично да се загуби, но во една коректна и фер борба. Ние во Брегалница така го разбираме спортот. Не бараме помош од страна. Никогаш во првенството не сме реагирале на одлуките на судиите. Наша оценка е дека судиите барем до овој момент, до средбата во Струмица со Беласица, коректно ги извршуваа задачите. Сепак, на последната средба, на дербито во Струмица, драстично бевме оштетени, на очиглед на целокупната спортска јавност во Македонија. Револтот од судењето во Штип е голем. Судиите судеа на штета на нашиот клуб. Наше мислење е дека исходот на средбата во Струмица однапред беше скроен, режиран. Судиите ни поништија регуларен гол во 34 минута, што го постигна Маневски. На трипати судиите ги прекинуваа нашите акции, наводно поради офсајди, кога нашите фудбалери беа во напад и го загрозуваа голот на Беласица. Судијата Темелков имаше двоен аршин при донесување на одлуките. Ги „сечеше“ нашите акции, а на домашните им дозволуваше и остра игра, при што беа повредени нашите фудбалери Илиев и Велковски. Со еден збор, срамно скандалозно, неморално судење.

Сметаме дека режијата за исходот на средбата е направена во ФФМ, во Комисијата за делегирање на судиите, со вклучување на луѓе од врвот на Федерацијата. Не сакаме да споменуваме имиња, бидејќи тоа не е коректно, но факт е дека имаше режија на оваа средба. Ние бараме од ФФМ да организира заедничка средба на нашето раководство и судиите, во присуство и на првите луѓе на Федерацијата за да ја разгледаме видео снимката од натпреварот Беласица – Брегалница. На оваа видео снимка се гледаат сите грешки на судиите, кои беа решавачки за нашето елиминирање од борбата за бараж. Бараме судиите драстично да бидат казнети, Цела среќа е што средбата во Струмица беше добро организирана, па не се случија немили настани. Нашите млади фудбалери не можеа да ги издржат неправдите од судиите и на полувремето и по средбата плачеа во соблекувалната. Зошто уште сега младите фудбалери ги насочуваме на неправди во спортот, дека и со „местење “ на резултатите на средбите може да се победи противникот, а не со фер и коректна игра? Веруваме дека ќе ни излезете во пресрет и очи в очи да се погледнеме сите заедно и да донесеме одредени заклучоци, кои ќе бидат во интерес на фудбалот, не на поединци.

Спортски поздрав

Брегалница не успеа експресно да се врати во ПМФЛ и како третопласирана заврши во источната група на Втората лига.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ