БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА: Панче Пантазиев, играчка и тренеска легенда од Струмица!

септември 5, 2023

“БЕЛАСИЦА НИЗ ИСТОРИЈАТА”

Панче Пантазиев, играчка и тренерска легенда, еден од најдобрите играчи на Беласица на сите времиња. Само тројца фудбалери имаат над 100 првенствени голови за Беласица. Пантазиев е на трето место по постигнати голови на првенствени натпревари, со 102 голови, во 15 сезони во периодот од 1958 до 1971 година. Бројот на првенствени натпревари на кои настапил е помеѓу 255 и 260, со што е на 8 место.

Пролетта 1958 ги дава своите први два гола против Локомотива, на 17 годишна возраст. Во сезоната 1959/60, постигнува 13 голови, со што е втор стрелец на тимот. Следната сезона 1960/61 е прв стрелец на тимот со 17 голови. Со 10 голови на 25 натпревари и во сезоната 1962/63 е втор стрелец на тимот, а следната година со 9 голови ќе допринесе во освојувањето на вицешампионската титула во Првата македонската лига. Есента 1965, по одиграните први две кола оди во ЈНА (18 месеци), а се враќа пролетта 1967 година. Во сезоната 1968/69, повторно е најдобар стрелец на тимот со 13 голови. Последниот натпревар за Беласица го игра во ноември 1971 година против Тиквеш во Кавадарци.

Јануари 1972 година преоѓа во Тиверија и уште во првиот свој натпревар дава 2 голови против Малеш. Во оваа сезона постигнува над 13 гола, а есента 1972 година го забележува својот последен настап.

Долги години ќе биде тренер на Тиверија. Потоа ќе биде помошен тренер на првиот тим, но и тренер на младите категории на Беласица и ќе има големи успеси со нив.
Целиот свој живот го помина во струмичкиот фудбал како играч и тренер и ќе остане запаметен како една од неговите најсјајни звезди.

Неговиот син, Кире, игра за Беласица на 13 натпревари во сезоната 1998/99.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ