Perdormire
Спорт

БЕЛАСИЦА СЕ ВРАЌА НА СТАРИТЕ ПАТЕКИ – ПАДНА ПОБЕДА ВО СТРУМИЦА!

Некогашните ривали од Втората југословенска лига, Беласица и Победа се сретнаа на „Младост“ во Струмица на второто соочување меѓу овие екипи сезонава. Беласица беше поумешна и ги искористи своите шанси за победа од 2-1 (1-0) и трет триумф во сезоната.

По победата во Битола во првото коло, прилепчани почнаа отворено и Набуезе ја имаше првата шанса, но премногу чекаше и навремено беше затворен од домашната одбрана. Првата закана на струмичани ја имаше Ташев, чиј удар од изгледна позиција во 12. минута од блокот заврши во корнер. Три минути подоцна Набуезе повлече, но Макота биеше во блокот на добро поставениот Дробаров. По корнерот од десната страна Маркоски од голема далечина го спаси Вујанац.

Во 18. минута српскиот голман излета во празно, Драгарски со глава го совлада, но Филип Ивановски од самата гол линија стигна пред Набуезе и спаси чист гол. Во најпозитивниот период на гостите, до предност стигнаа домаќините. Во 28. минута, избраниците на Живковиќ комбинираа по слободен удар, ветеранот Зоран Балдовалиев центрираше, а Зоран Митевски со глава ја погоди прилепската мрежа.

Во 33. минута Балдовалиев центрираше од левата страна, Немања Петров биеше со глава, но само крај дирекот на Тофилоски. Уште двапати се заканија гостите кон Вујанац и Балдвалиев биеше во надворешниот дел од мрежата, но на одмор Беласица замина со предност.

Само што започна второто полувреме, Беласица ја зголеми предноста. Се играше 50. минута кога Балдовалиев го најде Петров, овој како на чинија му послужи додавање, а Филип Ивановски ја втурна топката во прилепската мрежа (2-0).

Мегленски веднаш изврши двојна замена и им даде шанса на Мандиќ и Тимовски од 55. минута. Но, од тој момент Беласица се повлече, црвсто се постави и не им дозволи на гостите зрели шанси. Победа само од прекин креираше мешаници, но резултатот не се менуваше. Во судиското надополнување гостите го ублажија поразот преку снадливиот Набуезе (2-1). Американецот прими една топка од Макота, ги издржа налетите на дефанзивците на Беласица и го совлада Вујанац.

Големи три бода за екипата на Живковиќ и исчекор на второлигашкиот шампион од минатата сезона кон помирна зона на табелата.

Извор: GOL.MK