БЕЛАСИЦА ПОВТОРНО ПОРАЗЕНА, ОВОЈПАТ ОД РЕНОВА!

март 29, 2019

Дуелот на двата поранешни селектори, Никола Илиевски и Ѓоко Хаџиевски, го доби помладиот а Ренова ја совлада Беласица со 3-2 (2-1) во дуел од 24. коло на ПМФЛ. Штета што одличниот натпревар под Шара го следеа мал број на љубители на фудбалот.

Мечот не можеше подобро да започне за домаќините, откако во осмата минута се затресе мрежата на Беласица. Рамадани во осмата минута проби по десната страна, центрираше во петте метри, каде натрча Миовски и ја заби топката во мрежата на Вујанац (1-0).

Следеше реакција на гостите и Пепи Ѓорѓиев веднаш креираше шанса за израмнување, но беше неснаодлив во казнениот простор. Струмичани загосподарија со средината на теренот по примениот гол , изведоа неколку опасни корнери, но резултатот не се менуваше.

Во најпозитивниот период на гостите, по вторпат се затресе мрежата на Вујанац. Рамадани прими една топка на гради во казнениот простор, инстиктивно биеше со левата нога и го матира струмичкиот голман (2-0).

Сепак, екипата на Хаџиевски не беше толку инфериорна колку што кажуваше резултатот и по еден убав центаршут од десната страна, нискиот Мартин Мирчевски натрча и со глава ја погоди мрежата на Ѓуриќ за 2-1 во 31. минута.

Веднаш можеше да возврати Влатко Стојановски, но биеше преку голот на Вујанац. Голема шанса во 37. минута имаше Миовски, но неговиот удар со глава во два наврати го одбрани српскиот чувар на мрежата.

Вториот дел почна со нов зицер на Рамадани и пак Вујанац со нога со спаси својот тим. Илиевски ги внесе Мустафов и Мбела и црномурестиот напаѓач со атрактивни ножички во 63. минута ги подигна малкубројните гледачи од своите места и вистинска штета за „гипсарите“ е што ударот заврши сантиметри крај дирекот.

Хаџиевски го внесе Драган Стојков на местото на Денковски во обид Беласица да се спаси од пораз. Сепак, „гипсарите“ добија слободен удар од голема дистанца во 75. минута и како најголем оптимист Мухамед Усеини ги разреши дилемите околу победникот. Тој биеше толку прецизно што и одличниот Вујанац не успеа ништо да стори (3-1).

До крајот, домашните фудбалери имаа уште еден контра напад за уште поубедлива победа, но по акцијата на Кадриу, ударот на Рамадани од изгледна позиција заврши преку пречката. Шанси имаа и Стојков кај гостите и Мбела кај домаќините, но дури во надополнувањето видовме петти погодок. Савиќ ја погоди мрежата на тетовчани со резантен удар по земја за финални 3-2.

Со овие три бода Ренова скокна до четвртото место, а Беласица остана закована за дното.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ