АРГЕНТИНА ПРОТИВ ФРАНЦИЈА, МЕСИ ПРОТИВ МПАБЕ – КОЈ ЌЕ ГО ОСВОИ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО?

декември 18, 2022

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино го нарече Светското првенство во Катар како „најдобро“ во историјата, така што можеби е прикладно што денеска на теренот ќе истрчаат двете најдобри репрезентации на светот, Аргентина и Франција, предводени од своите први ѕвезди, Лионел Меси и Килијан Мбапе.

Сценарио кое секако го посакуваа организаторите на најскапиот Мундијал во историјата – приказна која ги надминува обичните фудбалски мечеви, дуелот на стариот мајстор во потрага по трофејот кој недостасува во својата кариера против (иронично неговиот клупски колега), младиот фудбалер кој сака да го наследи статусот на најдобар на планетата.

Со десетици илјадници Аргентинци на трибините, многу неутрални фудбалски фанови би посакале Меси да го стави трофејот во својата богата колекција, нешто што би го поставило како еден од најголемите кандидати за G.O.A.T. (Greatest of All Time), најдобриот кој било кога играл со фудбалската топка. Имиџот на неуспех со аргентинската репрезентација, по низата порази во три финалиња на Копа Америка и во Светското првенство во 2014 година од Германија, веќе го нема – лани тој успеа да ги совлада Бразил на „Маракана“ во Рио за континенталниот трофеј, и сега останува само последниот чекор.

Меси беше блескав на турнирот, постигнувајќи пет гола (исто колку Мбапе), инспирирајќи ја својата нација за победите против Холандија и Хрватска откако шампионатот започна шокантно со поразот од Саудиска Арабија. Фудбалска бајка која само чека среќен крај.

Од другата страна ќе биде Мбапе, кој ќе се обиде да стане само вториот фудбалер по Пеле кој освоил две светски титули на само 23 години. Со француската репрезентација „осакатена“ со повредата на повеќе ѕвезди (Бензема, Канте, Нкунку…), Мбапе покажа дека ако не е најдобриот на светот во моментов, барем е многу тешко да го победите. Со „моторот“ Антоан Гризман во тимот и со Оливие Жиру во нападот (кој очигледно му е подобар партнер од Бензема), малкумина би се обложиле дека Мбапе нема да биде човекот кој ќе ја расипе аргентинската забава во Доха.

Мбапе, за разлика од Меси, пак, има и доста критичари, бидејќи многумина не се импресионирани од неговото однесување и проблемот со „егото“. Шпекулациите дека во ПСЖ, покрај тоа што добива огромна плата, има и можност да ги бира своите соиграчи, тренерот и такиката на мечевите. Поради овие (непотврдени) шпекулации, Мбапе добива аура на ароганција, која многумина и покрај несомнениот талент, не можат да му ја простат. Дури и францускиот селектор, Дидие Дешам на прес-конференција зборуваше за „менаџирањето“ на егото на Мбапе, велејќи дека нема потреба да прави такво нешто.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: