АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ СОНУВА ЗА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ, ВО МОМЕНТОТ Е ЛИДЕР НА ТАБЕЛАТА!

октомври 23, 2019

Фудбалерите на Академија Пандев останаа на врвот на табелата со вчерашната победа против Македонија Ѓорче Петров (4-0) во рамките на 11. коло од ПМФЛ. Струмичкиот прволигаш полесно од очекуваното запиша три нови бода и ја продолжи серијата успешни резултати во домашното првенство.

Од самиот почеток, домашниот тим наметна свој ритам на игра и истиот го следеше до крајот на првите 45 минути. Добрата игра на „пандевци“ им донесе убави шанси, два гола и солидна предност пред продолжението. Први се заканија Велиновски со глава и Дориев, кој пропушти дуел – еден на еден со Јовановски.

Гостите ги консолидираа редовите и започнаа да креираат свои акции. Но, ниту една од нив не беше од посериозен карактер. Намерата на „лавовите“ беше да се сопрат залетаните противници. Но, нивната одбрана попушти во 35. минута, кога Љупче Дориев со прецизен удар по земја со левата нога погоди за 1-0.

Ване Јованов биеше од далечина само неколку моменти подоцна и го најави она што следуваше. По една грешка на средината на теренот, Дориев украде топка и несебично додаде до Ѓорги Стоилов. Домашниот фудбалер не погреши и по вторпат го матира гостинскиот голман, за убедлива предност на струмичани по првиот дел.

Академија Пандев имаше повеќе од играта и во остатокот од мечот. Постојано напаѓаше, а во одбрана не дозволуваше зицери за противничките фудбалери. Ѓорчепетровци играа без идеја во офанзивната линија и не беа расположени за надигрување во вториот дел.

Полетната игра на струмичката екипа донесе и трет погодок во мрежата на „лавовите“. Само што влезе во игра на местото на капитенот Сашко Пандев, српскиот интернационалец Марко Рајковиќ погоди за 0-3. Дориев одново ја измеша противничката одбрана и ја запиша втората асистенција.

Точка на одличното издание на избраниците на Југослав Тренчовски стави Горан Томовски со прекрасен погодок од далечина на десет минути до крајот.

Ова за „пандевци“ е петта домашна победа, а на сите дуели во Струмица тие успеаја да ја сочуваат својата мрежа. Во следното коло ќе гостуваат кај Борец, а Македонија ЃП ќе игра против Шкендија на домашен терен.

ИЗВОР: ГОЛ.МК

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ